МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЛОЖУВА ДЕВЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ВЛОЖУВА ДЕВЕТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

Аларова крие 19 споменици

Општина Центар до крајот на годинава треба да потроши 530 милиони денари или околу девет милиони евра за подигање спомен-обележја, кои се дотации од Министерството за култура. Од Министерството велат дека се и

Општина Центар не сака да каже како ги троши деветте милиони евра што ги доби од Министерство за култура за подигање спомен-обележја.
Со ребалансот на буџетот што Советот на Општината го усвои минатиот месец, Центар до крајот на годинава треба да потроши 530 милиони денари или околу девет милиони евра за подигање спомен-обележја. Тогаш беше кажано дека овие средства се дотации од Министерството за култура, на чија иницијатива ќе се подигаат најголемиот број од спомениците, и дека ако не се потрошат оваа година, ќе останат за следната.
Од Министерството за култура велат дека се изненадени зошто Општината одбива да каже до каде е постапката за изработка на спомениците.
"Ние дадовме само иницијатива и средства за подигање на спомениците, а реализацијата оди преку Општина Центар. Принципот на нашето министерство е транспарентно работење и за сето она што досега сме го реализирале навреме ја известивме јавноста. Зошто Општината не кажува до каде е изработката на спомениците, не би можеле да кажеме", велат од кабинетот на министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска.
Надлежните во оваа скопска општина одбиваат да одговорат колку споменици ќе градат, каде точно ќе ги постават, кога и кој ги изработува. Локалните власти од Центар не сакаат да кажат колку ќе чини изработката на секој споменик одделно, ниту, пак, колкав е хонорарот на членовите на Одборот за подигање на спомен-обележјата, кој има идентичен состав за повеќето споменици.
Градоначалничката на Центар Виолета Аларова одбива да разговара со новинарите на "Вест", а од нејзиниот кабинет се правдаа дека за спомениците може да каже само одборот за нивно подигање и не упатија да ги бараме потребните информации на веб-страницата на Општината.
Претседателот на Одборот за подигање спомен-обележја и советник во Советот на Центар од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Богевски одби да зборува за спомениците, со објаснување дека информациите треба да ги бараме од Лидија Неделковска, шефица на кабинетот на Аларова.
Центар досега не ги објави резултатите од распишаните конкурси за идејно решение за спомениците, ниту, пак, направи јавна презентација на избраните трудови, иако е должна да го направи тоа согласно со Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.

***

Кој се ќе добие споменик во Центар

На Интернет-страницата на Општина Центар се објавени само одлуките на Советот за подигање на спомениците, но не и извештаите до каде е нивната реализација. Според овие податоци, Советот на Центар од 2006 година досега донесол одлуки за подигање на 19 спомен-обележја во строгиот центар на Скопје. Треба да им се подигнат споменици на: Александар Македонски, Крсте Петков Мисирков, македонскиот ајдутски арамбаша Карпош, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Методија Андонов-Ченто, Цар Самоил, гемиџиите, свети Климент и Наум Охридски, свети Кирил и Методиј, Цар Јустинијан Први, украинскиот поет Тарас Шевченко. Центар треба да подигне спомен-обележја и за Првото заседание на АСНОМ, на основачите на Македонската револуционерна организација, на паднатите херои за Македонија, на загинатите пилоти од мисијата АЛТЕА во Босна, на македонските бранители и спомен-обележје на воин. Центар пред две години распиша конкурс за идејно решение за четири скулптури на лавови, кои треба да ги постави од двете страни на мостот Гоце Делчев.
Од сите овие најавени споменици, досега се подигнати само две спомен-обележја, иако за некои одлуките и конкурсите се донесени и распишани уште во 2006 и 2007 година. Така, на оградата на Камениот мост Општината постави спомен-плоча на македонскиот ајдутски арамбаша Карпош, а на плоштадот Пела, пред управната зграда на ГП "Пелагонија", подигна бронзена биста на Крсте Петков Мисирков од академскиот вајар Боро Митриќески.

***

Споменикот на Александар Македонски - најстрого чувана тајна

Центар две години молчи за споменикот на Александар Македонски што треба да биде поставен во центарот на плоштадот Македонија. Иако Советот на Општина Центар ја донесе одлуката за подигање споменик на Александар Македонски во ноември 2006 година, а лани во март беше распишан меѓународен конкурс, локалните власти досега не дадоа официјална информација за подигање на овој споменик. Не кажаа колку трудови пристигнале на конкурсот, чие дело е избрано, дали се изработува споменикот, ниту кога ќе го постават на плоштадот. Општината не направи презентација на наградените трудови, иако законски е должна да ги изложи.
Според меѓународниот конкурс, Општината бараше идејно решение за фонтана и за скулптура на Александар Македонски качен на коњ. Ниту градоначалничката Аларова, ниту претседателот на Комисијата за меѓународниот конкурс и претседавач на Советот на Општина Центар Владимир Здравев сакаат да кажат до каде е изработката на споменикот. Префрлајќи ја одговорноста за информирање на јавноста еден на друг, тие речиси две години успеваат да го скријат Александар Македонски.
Но, како што веќе пишуваше "Вест", неофицијално се зборува дека споменикот на Александар Македонски се крие во Италија и дека се прави по идејно решение на млада вајарка од Скопје. Според овие неофицијални информации од дипломатски и од уметнички кругови, споменикот се прави од бронза, ќе биде висок 15 метри и се лие во Италија. Фонтаната, пак, се прави од мермер и неа ја работи една домашна градежна фирма.

***

Никола Карев пред Парламентот, а Гоце и Даме до Камениот мост

Центар треба да го подигне споменикот на претседателот на Крушевската република Никола Карев пред Парламентот, а спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев од двете страни на Камениот мост, во делот до плоштадот Македонија. Општината ги донесе одлуките за подигање на овие споменици лани во декември, а, според нив, спомен-обележјата треба да бидат уметнички скулптури. Нема никаква информација и за овие спомен-обележја, односно Општината не кажува дали се распишани конкурси, кој го добил правото да ги прави спомениците, колку ќе бидат високи и кога ќе ги постават.

***

Цар Самоил пред "Тренд", а Ченто - кај "Фуфо"

Општинарите треба да го подигнат спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на аголот меѓу улицата Македонија и пешачкиот дел од улицата 11 Октомври ориентиран кон плоштадот, односно непосредно до ресторанот "Дал мет фу". Цар Самоил, пак, треба да добие споменик на аголот од улиците Максим Горки и Никола Вапцаров ориентиран кон плоштадот Македонија, односно непосредно пред кафулето "Тренд". Советот ги донесе одлуките за подигање на спомениците во март годинава и, според нив, тие треба да бидат уметнички скулптури. И за овие споменици нема никаква информација до каде е постапката за нивна изработка.

***

Споменик на Карпош - од левата страна на Камениот мост

Општината треба да го постави споменикот на Карпош на левата страна од Вардар, на долната зона на примостието на Камениот мост, а одлуката за негово подигање е донесена во јуни годинава. Скулпторот Војдан Запров ја доби првата награда од 400.000 денари на конкурсот за изработка на споменик на македонскиот ајдутски водач Карпош. Одборот за подигање на спомен-обележјето му ја додели втората награда од 250.000 денари на Слободан Милошевски, а третата награда од 150.000 денари на Ѓорѓи Димовски. На конкурсот за идејно решение пристигнале вкупно 14 трудови, а Општината ќе ги откупи трудовите на Ангел Коруновски и на Роза Павлеска со 60.000 денари. На останатите учесници на конкурсот ќе им подели 100.000 денари.
Овој извештај беше ставен на дневниот ред на претпоследната седница на Советот на Општина Центар, но точката беше повлечена и Советот ќе расправа за неа на наредната седница закажана за овој месец.

***

Гемиџиите ќе бидат дело на Ангел Коруновски од Велес

Општина Центар треба да го постави спомен-обележјето на гемиџиите од десната страна на реката Вардар, на долната зона на примостието на Камениот мост од левата страна гледано кон плоштадот Карпошово востание.
Според извештајот на Одборот за подигање на споменикот, кој беше усвоен на претпоследната седница на Советот, на конкурсот за идејно решение пристигнале 11 трудови, а првата награда од 400.000 денари му е доделена на скулпторот Ангел Коруновски од Велес. Втората награда од 250.000 денари на Сокол Цварки, а третата од 150.000 денари на Александар Ивановски-Карадаре. Општината ќе ги откупи трудовите на Синиша Новески и на Горан Стаменков со по 60.000 денари, а на останатите учесници на конкурсот ќе им подели 100.000 денари.
Општината ја донесе одлуката за подигање на овој споменик во јуни годинава, а кога Советот на Центар го разгледуваше извештајот на Одборот, не беше кажано ниту колкави ќе бидат димензиите, ниту од каков материјал ќе се прави, ниту, пак, беше покажана фотографија од наградениот труд.

***

За споменикот на воин нема прва награда

Општината во јули годинава одлучи на левата страна од реката Вардар, на плоштадот Карпошово востание пред објектот "Ибни Пајко", да постави спомен-обележје на воин. Одборот за подигање на оваа уметничка скулптура, како што беше кажано на претпоследната седница на Советот на Центар, одлучил да не додели прва награда, од 11 пристигнати трудови, бидејќи ниту еден во целост не ги задоволувал условите од конкурсот. Одборот и ја доделил втората награда од 250.000 денари на вајарката Валентина Стевановска, а третата награда од 150.000 денари - на уметникот Жарко Башевски. Општината ќе ги откупи трудовите од Дарко Дуковски и од Слободан Милошевски со по 60.000 денари, а на останатите учесници ќе им подели по 100.000 денари.
На седницата, членовите на Одборот за подигање на споменикот рекоа дека второнаградената Валентина Стевановска ќе може да ја работи скулптурата на воин ако го приспособи трудот на нивните забелешки. Оттогаш нема информација дали вајарката Стевановска ќе го прави споменикот на воин или Општината ќе распише нов конкурс.

***

Паско Кузман: Спомениците во Центар нема да бидат дивоградби

Според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, локалната власт може да подига само спомен-обележја, односно бисти, скулптури, плочи, чешми, фонтани и други уметнички и архитектонски дела со кои се одбележуваат личности од локално значење. На личностите, пак, што имале исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државотворно-правен континуитет, според овој закон, им се подигаат меморијални споменици, за чие подигање одлуките може да ги носи исклучиво Парламентот и тој да ја спроведе постапката за нивна изработка и поставување.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство на Македонија Паско Кузман, кој е и член на Одборот за подигање на спомен-обележјата во Центар, на прашањето дали овие спомен-обележја го кршат Законот за меморијални споменици и дали ќе бидат дивоградби, бидејќи личностите кои ќе се одбележуваат со нив немаат само локално значење, одговори дека тие се покриени со сите документи.
"Ниту еден споменик во Центар нема да биде дивоградба, бидејќи сите се покриени со потребните документи и одобренија. Овие споменици нема да бидат ставени под заштита како споменици на културата", рече Кузман.
Слична состојба со одбележување на ликот и делото на Скендер-бег имаше пред две години, кога Општина Чаир, без одлука од Парламентот и без консултација со Градот, му подигна споменик на овој албански државник во Старата скопска чаршија. Тогаш директорот на Управата за заштита на културното наследство Кузман, како и неговиот претходник Јован Ристов, тврдеа дека Чаир го крши Законот за меморијални споменици, бидејќи подига меморијален споменик на личност која нема само локално значење. Но, и покрај овие тврдења, актуелната власт присуствуваше на свеченото откривање на споменикот, кој досега никој не го урна, ниту, пак, се побара одговорност од Општината.
"Тогаш многу јасно кажав дека одлуката да остане споменикот на Скендер-бег беше чисто политичка, а за нас, како Управа, беше оправдано тоа што споменикот е на самата граница на контактната зона на Чаршијата, која е под заштита", рече Кузман.

***

Градот бара Општина Центар да ги почитува законите

Скопскиот градоначалник Трифун Костовски пред една година ја повика Општина Центар да го почитува Законот за меморијални споменици и спомен-обележја и законите за урбанистички планирања и градба. Тој и забележа на Општината дека спротивно на Законот за меморијални споменици и спомен-обележја донесла одлуки за подигање споменици на значајни личности од македонската историја, иако само Парламентот може да подига споменици за нив. Костовски смета дека со овие одлуки Центар директно се меша во ингеренциите на Градот, бидејќи воопшто не го консултирала при нивното носење.
Од кабинетот на градоначалникот Костовски велат дека досега ништо не е променето и покрај инсистирањето на Градот Општина Центар да ги почитува законските прописи.

Елица Ангеловска

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=160584&idg=8&idb=2543&rubrika=Revija

Time mk - топ вести

Агенция Фокус

Македония - Google News

Македониjа - Google News

Благоевград инфо

Последни вести-Форум

Македониjа - топ вести

SETimes news

Вести од Македонија - Канал 5

Утрински весник

Дневник

Топ вести - А1

BBCMacedonian.com

Вести од Македонија - А1

Гласот на Америка

МИА - новини

Дойче Веле

Макфакс

Press Online

Time mk - Македония

Time mk - Култура

Кайгана

Идивиди

Macedonia Forum

Новини за Македония

Macedonia - Google News

Makedonija - Google News

Fyrom - Google News

Yahoo! News for Macedonia

Yahoo! News for Makedonija

Yahoo! News for Fyrom

Macedonia News

Macedonian News

Time mk - Балкани

alt.news.macedonia

Новини по Руский

Блогерај - историја

VMacedonia forums

Дискусионна група "Македония"

  © Blogger template Writer's Blog by Ourblogtemplates.com 2006-2011. Eдин проект на: История на Македония І История на Македония

Back to TOP