НА БЕГАЛСКИТЕ БЕСПАЌА НА ТЕТОВКАТА НАДЕЖДА И НЕЈЗИНИТЕ ДВЕ ДЕЦА КАКО ДА ИМ НЕМА КРАЈ

НА БЕГАЛСКИТЕ БЕСПАЌА НА ТЕТОВКАТА НАДЕЖДА И НЕЈЗИНИТЕ ДВЕ ДЕЦА КАКО ДА ИМ НЕМА КРАЈ

Во Тетово ги демнеше смртта, а во Прилеп - сиромаштијата

Надежда Димчевска со ќерката Илинка (14) и синот Бојан (13), одвоени од таткото Љупчо кој останал во Тетово, неколку месеци живеат во Прилеп, во една просторија кај нивни блиски роднини, во грч како ќе го дочекаа

Надежда Димчевска (45) и нејзините две деца Илинка (14) и Бојан (13) од почетокот на војната живеат на релација Тетово - Прилеп - Ропотово. Без пари, без скршен денар, во неизвесност дали Новата година ќе ја пречекаат во домот со сопругот Љупчо. А деновиве, освен што немаат пари за храна, останаа и без огрев, без топлина во оваа студена зима, на минус 20 степени. Ова раселено тетовско семејство живее во една просторија кај нивни блиски роднини, во грч како ќе го пречека денот потоа, зашто, освен што се без пари, стравот да се вратат пак во Тетово е преголем. Таму се уште никој не им ја гарантира личната безбедност.
- Тежок и мачен е животот кога си бегалец во својата родна држава, без покрив над главата, без скршен денар на децата да им купиш леб, да купиш масло, шеќер, сол. Еве, вака се мачиме со месеци, појди кај едни роднини, потоа кај други, со торбата на рамо, со по некое парталче за децата... - зборува Надежда, а солзите и се слеваат по лицето, се задушува, останува без здив. По некое време напатената мајка повторно собра сили да продолжи и со нас да ја подели страдалничката приказна, драмата што, како што вели, ја доживеале само оние кои минуваат по патешествијата на бегалските беспаќа и распетија, соочувајќи се постојано со неизвеснота дали ќе може да се вратат дома, крај семејното огниште.
- Повеќе не се издржува, ако се снајдеме некако со пари, ќе се вратиме назад. Четири месеци останав овде заради децата. Се им се расипа со оваа злокобна војна. Исплашени како пилиња, ги испративме со сопругот овде, кај роднините, ако не друго, барем слободно да живеат, зашто од 13 март око на око не склопивме, ни дење ни ноќе. Од јуни до септември не ги видов, срцево ми се кинеше од болка кога ќе ги слушнев по телефон, ме убиваше мислата дали имаат храна. Тие во Ропотово, а ние во огнот, секој ден пукотници, истрели, убиства, смртта ни висеше над главите... Ја нападнаа "Тетовчанка", останав без работа и кобниот 8 август тргнав за Прилеп. Кај Сарај се разминавме со конвојот од прилепската единица, кога резервистите беа подмолно убиени. И во оваа мака му благодарам на Господ што сме сите здрави и живи... - плаче, липа Надежда, од жал за загинатите битолски резервисти Пеце и Благојче кои секој ден пазареле кај неа.
- Дојдов без пари, не прибраа роднините и така до денес... Кога има да се касне нешто, кога нема. Децата и со празен стомак си легнуваат, зашто и без војната, сиромаштијата не убива, за корка леб се бориме... Само оној што има деца знае колкава е болката, страдањето, маката на мајката кога не може да им купи на децата храна, палто, чизми... Така досега ја минуваме и ја туркаме зимата... од дрвено на камено, што се вели. Среќа, книги уште во Тетово им дадоа, инаку маката ќе беше уште поголема. Во овие студени зимски денови, пак, дрва немаме, огрев немаме, се тресат децата од студ, кај гладни, голи, боси, што се вели, па и смрзнуваат... А ветуваше Владата помош, но, по се изгледа, само за оние бегалци во Скопје, а овде само неколкупати преку Црвен крст добивме нешто за јадење, пакети со хигиенски средства и толку, сега сол во очи немам да си фрлам. Мака на мака, па сега и вода во Прилеп нема. Еве, вака се мачиме со децата, како пилиња со мене ги носам со кантите в раце, од еден крај на градот до другиот, да собереме некое шише вода... Од нашава мака се мислам нема поголема - ја раскажува својата бегалска приказна Надежда, без да престане да плаче, да тагува и да жали колку за себе толку и за познатите, пријателите, за оние што не се меѓу живите... На душманот Бог да не му даде ваква мака.
- Цел живот чесно сме работеле и јас и сопругот, а еве што не снајде, останавме без работа, без пари, да не можеме дома да се вратиме, децата да се израдуваат, татко им да го видат. Од каде дојде оваа чума, оваа несреќа што ни ги уништи животите, убаво си живеевме со Албанците, немавме проблем. Докторот кој ми ги лекува децата е Албанец, секогаш кога требало, тој беше тука, си помагавме... - додека зборува Надежда, синот Бојан размислува за новогодишната елка, дали и оваа нова година ќе биде дома... а неговата сестричка Илинка, пак, се сеќава како секој викенд во зима го поминувале во својата викендичка во селото Јелошник.
- Ни ја уништија куќата, мебелот, само sидовите останаа. Терористите се ни уништија. Лани ова време се санкавме таму со брат ми, со другарчињата... а сега татко ми не можам да го видам, едвај чекам да ни се јави, гласот да му го слушнам - вели Илинка заблагодарувајќи им се на другарчињата од нејзиното ново одделение во ОУ "Кочо Рацин" овде, во Прилеп, кои и нуделе финансиска помош за да оди со нив на екскурзија.
- Не знам што да кажам повеќе, нервите ми попуштија. Ако не најдеме пари, пак ќе останеме да смрзнуваме овде, не знам, не знам што да кажам, бегалската криза е најтрагична работа... Но, се надевам ќе помине, ама стресот и траумата никогаш нема да исчезнат. Само да се вратиме на родното огниште... - тешко воздивнува Надежда и сепак собра сила:
- Само мир да даде Господ во Новата година, мир во душата, во срцето на секој за да не се повтори оваа несреќа, да живееме слободно, ако сиромашно, само во мир. Нам ни е тешко, илјадници семејства годинава страдаа како нас, но само мајките кои ги изгубија своите синови останаа без надеж, засекогаш без насмевка. Ние сепак живееме со надеж - ќе има мир...
М.Талеска

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=19940&idg=2&idb=446&rubrika=Revija

Time mk - топ вести

Агенция Фокус

Македония - Google News

Македониjа - Google News

Благоевград инфо

Последни вести-Форум

Македониjа - топ вести

SETimes news

Вести од Македонија - Канал 5

Утрински весник

Дневник

Топ вести - А1

BBCMacedonian.com

Вести од Македонија - А1

Гласот на Америка

МИА - новини

Дойче Веле

Макфакс

Press Online

Time mk - Македония

Time mk - Култура

Кайгана

Идивиди

Macedonia Forum

Новини за Македония

Macedonia - Google News

Makedonija - Google News

Fyrom - Google News

Yahoo! News for Macedonia

Yahoo! News for Makedonija

Yahoo! News for Fyrom

Macedonia News

Macedonian News

Time mk - Балкани

alt.news.macedonia

Новини по Руский

Блогерај - историја

VMacedonia forums

Дискусионна група "Македония"

  © Blogger template Writer's Blog by Ourblogtemplates.com 2006-2011. Eдин проект на: История на Македония І История на Македония

Back to TOP