ПРАТЕНИЦИТЕ ШТО ЈА НАПРАВИЈА НЕЗАВИСНОСТА ЗАБОРАВЕНИ ОД ДРЖАВАТА

ПРАТЕНИЦИТЕ ШТО ЈА НАПРАВИЈА НЕЗАВИСНОСТА ЗАБОРАВЕНИ ОД ДРЖАВАТА

Не не викаат дури ни за 8 септември

В сабота во Парламентот основачко собрание ќе одржи Здружението на пратениците и министрите кои ги извршувале функциите од 8 јануари до 19 ноември 1991 година.

Во Здружението се Методија Тошевски, Илија Андонов - Ченто, Џевдет Хајредини, Исмет Рамадани, Алил Џафероски, Ратка Димитрова, Тодор Петров, Никола Стојанов, Наќе Стојановски, Михаил Пановски, Стојан Андов, Димитар Трпеноски, потоа Ѓулистана Марковска, Љупчо Јакимовски, Стоиле Стојков... На основачкото собрание ќе биде поканет и претседателот на Македонија Бранко Црвенковски, најмладиот пратеник во првиот парламентарен состав.
"Пратениците и министрите од овој период го понесоа товарот на целосното осамостојување и сувереност на државата", рече на вчерашниот прес тогашниот пратеник Алил Џафероски, кој е и член на иницијативниот одбор за формирање на Здружението.

Џафероски рече дека ги има околу 150 членови на првиот повеќепартиски парламент и министри од тоа време. Сите, вели тој, се согласни од државата да бараат да им го регулира протоколарниот статус. "Заборавени сме, некогаш забораваат да не поканат дури и за Осми септември, за Денот на независноста на Македонија. Праќаме дописи до некогашните колеги пратеници, без да знаеме дека некои од нив починале", рече Џафероски.

Тој додаде дека за в сабота биле испратени покани до сите 150 тогашни пратеници и министри. "Покрај поканите, испратени се и анкетни листови за да се направи социјална карта за секој од нас, зашто имаме информации за добар дел од овие луѓе дека живеат на работ на егзистенција", вели Џафероски, кој заедно со Тодор Петров, тогашен пратеник, најави дека од државата ќе побараат да го отвори и нивниот социјален статус. (С.К.Д.) 

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=147351&idg=8&idb=2297&rubrika=Makedonija