Сликарката Лилјана Ѓузелова низ видео во дијалог со татко си

ИЗЛОЖБА ВО ГАЛЕРИЈАТА ПРЕС ТУ ЕГЗИТ

Сликарката Лилјана Ѓузелова низ видео во дијалог со татко си.
Ние како наследници недолжни ја наследивме вистинита или накалемена вина. Таа вина уште како деца, државата ни ја запечати на нашите чела. Недолжни ја носевме и бевме занемени. Моравме и сакавме да молчим Со овој циклус се обидов да го возобновам пр

Синоќа во галеријата "Прес ту егзит"беше презентирано делото "Вечното враќање 4"од Лилјана Ѓузелова. Делото е видео инсталација која се емитува од подотворен метален сандак.
Видеото трае безмалку 40 минути и е колаж од претходните проекти во кои Ѓузелова, низ личниот семеен пример, ја отвора темата за недолжната вина што ја носат репресираните деца поради постапките на нивните родители за кои тие воопшто не се виновни.
Ѓузелова, чиј татко Димитар Ѓузелов бил еден од првите македонски филозофи и е погубен кога таа имала 7 години, вели:" Со овој циклус се обидов да го возобновам прекинатиот дијалог со таткото. Не успеав да го завршам зашто постојано и постојано излегуваат нови откритија, нови документи, различни информации. Ние како наследници недолжни ја наследивме неговата, вистинита или накалемена вина. Таа вина уште како деца, државата ни ја запечати на нашите чела. Недолжни ја носевме и бевме занемени. Моравме и сакавме да молчиме", ни рече Ѓузелова. Брат на Лилјана Ѓузелова е писателот Богомил Ѓузел.
Со делата кои се во циклус "Вечното враќање" авторката вели дека го покажува својот бунт генерално кон репресијата на децата од постапките на своите родители.
Видеото содржи елементи од перформансот што Ѓузелова го направила на Зајчев рид пред две години, каде што исцртува отворен круг на замисленото место на погубување и погребување на таткото. Потоа, во видеото се пренесени елементи од втората изложба изведена во приватна куќа во Маџир Маало во 1997 година, како и од третата инсталација од пред 10 години во Отвореното графичко студио. Во тие два проекти таа го појавува ковчегот и делови од хартиена облека со ракописи. Има документи, ракописи, фотографии од приватниата архива на семејството. Во филмот има и текст што во прво лице еднина го кажуваат авторката, нејзиниот брат Богомил Ѓузелов, кураторот Сузана Милевска и двајца спикери.
Изложбата ќе биде отворена до 14 април, секој работен ден од 10 до 17 часот.

Продукцијата на видео артот “Вечното враќање 4” беше помогната од Швајцарската програма за култура во Македонија.(М. За.)

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=114484&idg=6&idb=1728&rubrika=Kultura