5 НАЈЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА ВО XX ВЕК

АНКЕТА
5 НАЈЗНАЧАЈНИ ЛИЧНОСТИ ОД МАКЕДОНИЈА
ВО XX ВЕК

Блаже Ристовски-историчар
Пандалф Вулкански-писател
Зоја Бузалкова-режисер
Љубиша Георгиевски
Ристо Вртев
Минас Бакалчев
Отец Методиј Златанов
Живко Поповски-архитект
Никос Чаусидис-археолог
Милчо Манлевски-режисер
Лилјана Ѓузелова-пензионер

Думам - вие еднаш ми зборевте нешто,
но не думам веќе што и како било,
и залудно е да се присетувам сега -
сивило се свило, споменот го скрило...
"Ѕвезди" Блаже Конески

А скриениот, задскриениот, смирениот спомен уште повеќе вознемирува. Нејасното, замагленото не ослободуваат, туку заплеткуваат. Од друга страна, можеби тоа е предноста на овој народ. Заради стравот, неизвесноста, сфумато перцепцијата, осаменоста и немањето на јасна перспектива за своето место во "европската библиографија", понекогаш со чемер, почесто со хумор си го преуредува, преобразува својот идентитет одново и одново пресоздавајќи си го универзумот.

Таков ни е сојот, што се може. Тешки индивидуи збунети во приказните за клективното.

Можеби се чинеше бесмислено напрегањето околу сеќавањата, околу копнежот по расправија со и за предците, со и за некои рамки дадени во "руморот на гласовите, зуењата и информациите во колективните уши и тела", особено во време на прелевање на контекстите, на апсолутна ерозија на сите вредности. Па, сепак, "Маргина" одлучи да влезе во игра со релативизирањето, ревидирањето, потребноста и непотребноста на најманипулираните поими - национален идентитет, етнос, припаѓање. Поставувајќи им на нашите ценети испитаници две прашања: Каков е односот, воопшто кон поимите нација - етнос? и Кои се луѓето што ја бележат националната посебност на овој "збунет" народ, особено во изминатиов век?, се соочивме со фактот дека сепак не сме имуни на потребата од историско татнење преку една територија, па колку тоа и да има фрустрантни и негативни конотации.

Ветрометината, што балканскиот синдром ја промовира како своја специјалност и шанса за мазохистичко уживање, се покажа како корисна бидејки, во такви услови на релативна рамнодушност кон каков било однос кон минатото, ја ослободува имагинациијата поттикнувајќи ја на обилно редефинирање на историските контексти и личности, критичко пресоздавање и навраќање на билансот на ова парче земја.

Одговорите на испитаниците: Блаже Ристовски, Пандалф Вулкански, Љубиша Георгиевски, Ристо Вртев, Зоја Бузалковска, Живко Поповски, Никос Чаусидис, Минас Бакалчев, Методија Златанов, Милчо Манчевски и Лилјана Ѓузелова, се драгоцен допринос во склопувањето на мозаикот што нуди, како своја конечна слика, личен и крајно индивидуален третман на замките што ги поставува темата, обоен со шизофрено различие што охрабрува, бидејќи можеби тоа е и единственото вистинско, отворено, ослободувачко "врзување" за колективните сеќавања.

Мислам дека се загубив... мислам дека сум гневен... мислам дека всушност знам... ама сепак како да не знам...

Искра Гешоска



Блаже Ристовски, историчар

Во науката се искажани најразлични и сосем спротиставени мислења за поимите етнос и нација. Сепак, генерално земено, вообичаено е да се смета дека етносот прераснува во народ, а народот преку народноста во нација. Меѓутоа, современата западна и пред се американска социополитичка мисла, тргнувајќи од сопствените состојби и интереси, има изградено теориска конструкција што најчесто не соодвестува не само на балканското, туку и на европското поимање на овие категории. Теоријата за политичка нација подразбира феномен што ја сфаќа нацијата како држава. Тоа е резултат на процесите што се развиваа главно кон крајот на XIX и во XX век, кога империјалистичките држави во распределбата на светот во рамките на својата "нација" ги вклучуваа и колонијалните поседи во разни земји на континентите. Истовремено се појави и феноменот на "доселеничките" држави - нации (САД, Канада, Австралија, Нова Зеландија итн.). Тогаш не само што се побара теориско објаснение, туку, со моќта на научно-техничката развиеност и со фреквенцијата на својот јазик, западната доктрина во голема мерка успеа да ја наложи (пред се во меѓународните форуми и тела) теоријата за државата како нација.

Заради сопствени потреби, тоа ни го натураат и нам на Балканот, каде што постојат историски национални колективитети што преку сопствениот етнокултурен развиток се избориле за сопствена државност. Затоа денеска на балканскиот простор постојат национални држави на одредените народи што се афирмирани во XIX и конечно конституирани во XX век.

Македонскиот етнос се формирал исто така со милениуми и од продолжениот процес на обликувањето на македонскиот народ, кон половината на минатиот век почнува да се афирмира и македонската национална свест, со македонско маркирање, за да се конституира како држава дури кон половината на XX век. Впрочем, и сите балкански нации се резултат на историските процеси на XIX век. Се до 30-тите години на минатиот век се немаше претстава за границите на ниеден етнички простор на балканот, туку тој се распределуваше и се градеше врз основа на историските традиции и митови за средновековните држави. а тие пак се преклопуваа и со тоа се создаваа аспирации за едно спротиставување на современите национално-политички идеологии. дури со формирањето на модерните држави на Србите,Грците, Р?оманците и Бугарите се омеѓија и нивните етнички и национални граници, а бидејќи останаа во Европска Турција целосно само уште Македонија и Албанија, се создаде почва за развиток на националните пропаганди во овие турски провинции за нивното идно завојување или барем за поделување. Поради тоа што М?акедонците немаа во средновековјето своеименска држава на овие простори, тие првин посегнаа по длабоките традиции и митологии на античката македонска историја и се прогласија директни потомци на Филипа и Александра Македонски. Но кога Грците, со помошта на некои западноевропски пријатели, овие историски колоси ги прогласија за Грци, тогаш Македонците ги искористија традициите останати од владеењето на бугарската средновековна држава што уште вегетираа во црквите и манастирите во Македонија, па Бугарите ги таксираа како Шопи, а себеси се декларираа како "Бугари". Но кога и Бугарите, со посредство пред се на Русите, изнесоа историска аргументација за бугарското минато и се обидоа бугарскиот јазик да им го наметнат и на Македонците, овие го искористија примерот на Србите и Хрватите со нивната виенска спогодба (1850) за заеднички литературен јазик, па излегоа со концепција за заеднички македонски-бугарски јазик, при што го прифатија бугарското обележје, но го условија со предимството на македонскиот јазик како основа на заедничкиот стандард. Бидејќи и тоа не беше прифатливо за Бугарите, особено по основањето на Бугарската егзархија како единствена словенска православна црква во Турција (1870), со што конечно угаснаа македонските надежи за обновување на Охридската архиепископија како македонска национална црква, Македонците излегоа со теорија дека и античките Македонци биле Словени, па ги прегрнаа словенските просветители светите Кирил и Методија и Климент и Наум како носители на македонски словенски културен и јазичен континуитет и така го продолжија и го овенчаа со светска слава својот историски дигнитет. На тој начин се зацврстуваше историската и националната свест на Македонците што почна да се афирмира и во јавноста од 40-тите години на 19 век. Поради посебните историски околности во Македонија, по низа бунтови и големи народни востанија, дојде не само до трагично распарчување на земјата и народот по Балканските војни со Букурешкиот договор (1913), туку и до најдоцно формирање на современата држава - дури на Првото заседание на АСНОМ (1944). Тоа беше резултат на сопствената оружена Националноослободителна борба во пазувите на Антифашистичката коалиција во текот на Втората светска војна, но само едното од четирите парчиња од својата поделена етничка територија, а полната државна самостојност, Македонија ја обезбеди дури со референдумот од 8 септември 1991 година.

Во текот на милениумскиот развиток на македонскиот етнокултурен континуитет Македонија има дадено значајни имиња не само за македонската, туку и за европската историја и култура. Тука се, пред се, античките колоси Филип II и Александар III и словенските просветители Кирил и Методија и Климент и Наум, но и македонските интелектуалци и културно-национални дејци од новото време, како што се меѓу другите, на пример Партенија Зографски, Григор Прличев, Марко Цепенков, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Кочо Рацин, Венко Марковски, Никола Вапцаров, Кузман Јосифовски и Блаже Конески. Тоа се каријатидите што го држат македонскиот пантеон и го маркираат македонскиот историски тек од етносот до нацијата и националната држава.



Пандалф Вулкански, писател

Во рамките на моите ограничени знаења, а и согледувајќи ја историјата како една прилично таинствена школка (со многу свиткани, скриени катчиња, и како некаква палимпсестна некропола од звуци и тишини), сепак немав премногу дилеми за најзначајните петмина луѓе од (во) Македонија во 20-иот век. Изборот, се разбира, е личен, но мислам дека тие некакви етерични трансверзали што ги повлекуваат духовите од мојот избор низ овој дел од од чудните (школкини) димензии на простор-времето (уште едно откритие на 20-иот век) се уште се употребливи за качување и за поврзување со други просторно-временски сегменти (како нерватура од страшно нараснати волшебни гравчиња, целиов овој хаос од духови, тој џојсовски кошмар на историјата од кој се обидувам да се разбудам, така ли).

Значи, околу Блаже Коневски (зенитистички скромниот, но мудар и длабок поет, пред се), Гоце Делчев (поп-фигура од прв ред, со тие митски наслојки што веќе сосема ирелевантна ја прават неговата "објективна тежина") и Мајка Тереза (планетарен симбол на милосрдието, родена во Скопје), немав премногу дилеми. Го вредувам тука, меѓу нив, и Милтон Манаки, како симбол на овој технологизиран век, со кој ние, како луѓе од овој простор, ретко фаќавме чекор, за разлика од агилните филмски браќа. На крајот од изборов го ставам Незнајниот јунак (хероина, всушност), може да ја наречеме и Небеска Тимјановна (малку има жени во она што досега го подразбиравме како "историја", а што час поскоро треба да го прошируваме и ревидираме, поучени од другите цивилизирани народи), како симбол на сето она што во монструозно крвавиов век едноставно не доби шанса да биде "историски повидливо".

А за националното чувство? На трагата сум на Марсел Дишан (или Енди Ворхол, една поп-варијанта на езотеричниот Дишан): она што јас сметам дека е уметност, е уметност, не постои никаква друга дефиниција.



Зоја Бузалкова-режисер

ИДЕНТИТЕТ=РАЗЛИКУВАЊЕ
НАЦИЈА=РАЗЛИКУВАЊЕ
НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ=РАЗЛИКУВАЊЕ
РАЗЛИКУВАЊЕ=КОНФЛИКТ

Сакам да се разликувам. Сакам да бидам посебна.Поинаква. Не сакам да ме мешаат со други. Дури и името гордо го носам во таа смисла. Сакам да имам свој потпис, апсолутно препознатлив, само мој. Таа потреба ми е вродена. Но, кога станува збор не за идентитетот на личноста туку за националниот идентитет, одеднаш разликувањето ми пречи. Не. Има поточен израз. Ме плаши.

Моето чувство за национален идентитет се изгуби некаде на патот од '91 до '92. Која сум јас? На која нација припаѓам? Не ги знам одговорите. Ја променив државата на раѓање по првата опомена на референтката од студентски прашања дека добро познатата кратенка веќе не смее да се пишува. Сега мојот НИ е РМ. Дилемата и чувството на загуба можам да ги изразам низ цифри. Односот е 20 : 8. И после дваесет години една национална идентификација, одеднаш ниту еден од кодовите не ми припаѓа. Немам права на сопствената национална историја, на сопственото минато. Не можам да сметам за свои некои државници, писатели, спортисти, музичари, научници, уметници, некои градови. Мојата почит и гордост кон нив се скришни.

Мислев дека националниот идентитет не е променлива категорија, но веќе не сум сигурна дури ни во тоа. Остана јазикот. Остана потесната територијална рамка. Под принуда на стеснетиот простор, се враќам на корените, се осознавам поинаку, како припадник на целина која не сосем добро ја познавам, па одам до светлините на најдамнешното. И така го наоѓам мирот. Моите корени се тука.

Па сепак, згазнато е на мојата потреба за колективна препознатливост. Јас сум индивидуа која повеќе не е способна да верува во колективитет, а има нескротлива потреба за вистинско поврзување до најглобални рамки.

Поради сето ова, не знам дали сум способна да изберам пет луѓе значајни за Македонија во последново столетие. А кога сепак ќе го направам тоа, простете ми за субјективноста, но морам да знам за нив повеќе од само лекција по историја, оти одамна не верувам во лекции. Оние за кои „историјата ќе покаже и нема да бидат дел од мојот избор. Еве ги "моите“ петмина:

РИСТО КРЛЕ


Има точно 99 години откако се роди овој господин, еден од ретките кој беше тоа во вистинската смисла на зборот. Можеби почитта кон него ми ја создадоа чевлите кои ги носел, потребата да ја прокоцка Америка за да си го направи ќеифот или неговото пишување ,,од на нога“, кое ме тера да мислам дека ништо не е случајно и дека во секое предметче на сцена, во секое изговорено зборче и во секоја сугерирана временска промена се крие некоја важна тајна, која не смее да се пропушти. Има нешто непогрешливо точно во неговите драми, нешто како игра на гласот на интуицијата.

ПЕТРЕ ПРЛИЧКО


Јас го паметам како стар бел дедо од телевизиските серии, и можеби како нешто помлад од ТВ- филмовите. Почитта кон него ми е научена. Имаше нешто посебно во тој растреперен глас, што раѓаше чувство на респект и топлина. Како директно да нe врзуваше и нас со длабокиот корен над кој беше израснат, толку стар и толку цврст и толку словенски, колку што е зборот с к о м р а х.

БЛАЖЕ КОНЕСКИ


Разни луѓе за разни работи го спомнуваат по лошо овој човек кој освен што ни ја остави Стерната, која постојано ни татне во ушите, ни ги остави и ѓ, ќ и ѕ по кои сме различни од сите околу нас. Ете каде ќе проработи тој пустински нагон да се забоде прстот во мастилото за национална идентификација.

ЛАЗАР ЛИЧЕНОСКИ

Мајка ми повеќепати ми има раскажувано за Лазар Личеноски, кој при една случајна средба на улица И понудил материјална позајмица, само за да не се омажи толку млада туку да замине во Белград и да се занимава со писателската работа. Тогаш кога го направил тоа, ја познавал толку колку што ги познавал нејзините први дела. Во неговото творештво првпат подиректно се сретнав неодамна. Веднаш го препознав човекот од средбата. Колкава гордост беше таа! Што имаме уметник на кого можеме да му направиме изложба слична на оние од париските галерии. Неговите Оризови полиња, Виолите на Лепенец, Бачилото и Аквариумот ги носам како тетоважа од која не можам да се ослободам и да сакам, се додека ме крепи оваа кожа.

СЛОБОДАН УНКОВСКИ

Страшно сум среќна што една од петте личности кои според мене го обележаа дваесеттиот век е токму мојот професор по театарска режија. Неговите претстави, како "Дупло дно“, "Среќна Нова '49“, "Тетовирани души“, "Театарски илузии“ или "Буре барут“, беа најубавото што ми се случуваше повеќе од десет години. На театарот во Македонија, Слободан Унковски му се случи уште многу порано, како голема среќа за неговиот развоен пат. Ми се чини дека ниту една естетска категорија не е доволно моќна да го оцени посебниот чудесен свет на Слободан Унковски во кој, за момент, ни дозволува да ѕирнеме и нам. Со поделбата на вредностите кои дотогаш беа заеднички, по распадот на Југославија многу луѓе не можеа да ја сокријат својата бесмислена љубомора што драгоценоста Унковски и припадна на Македонија, па дури и за сметка на ЈНА. Мојот професор по театарска режија многу често сака да потсетува дека театарскиот чин е миг, нешто што не остава трага зад себе и за кое нема доказ дека постоело.Како да се согласам со него?



Љубиша Георгиевски

Тоа е бесмислено, опасно и перфидно прашање, дојдено на крилата на глупоста. Неговата цел е свртувањето на вашето внимание кон минатото во моментот кога на оние, што ја водат војната им требате како телиња за кланица. Истите тие што ви ја одзедоа иднината, сега ве втопуваат во отровното минато. Мислете на минатото и - веќе сте во него! Некој сака да ве врати од пред портите на 21-от век назад во 19-от век! Да ве подели на верски и етнички табори за да ја посее омразата меѓу вас!

Бесмислено е да се верува во Бога, ако тој е еден, единствен, недделив. Штом не разделат (внимавајте, токму оние што живеат удобно од верата како професија!) на католици и хугеноти, на православни и католици, на муслимани и христијани и на што уште не, и самите стануваат најголеми безбожници,зашто сеат омраза меѓу луѓето.

Уште побесмислено е да се гордееме со омразата кон "другите етноси". Нема чисти етноси, ниту пак територии населени со чисти етноси. Етничката припадност е гордост на секој поединец, но тоа не може да биде замена за неговите човечки квалитети. Крајно време е да го прашате секој поединец кој е тој? а не што е тој? Презрете го секој што ја започнува реченицата со "ние". Особено ако нема сто пати проверен мандат за тоа. Во секој човек има големина и дребност. Идентификувајте се со сопствената големина, не со големината на "големите луѓе" од минатото на сопствениот етнос. Зашто нивната големина не може да биде алиби за вашата поединечна дребност, за вашето лично медиокритетско живуркање. Секој човек е и голем и мал. Се зависи што од тоа ќе му биде запомнето!



Ристо Вртев

Пред се, јас сум син на Живко и Веска Вртеви, брат на Марија. Потоа сум сопруг на Јасна и татко на Иван. Комшија и состанар, сограѓанин на Скопјани. Дури потоа сум Македонец. Меѓутоа, исто така, јас сум државјанин на Република Македонија, православен, медитеранец, европеец, па граѓанин на светот, по култура и по поимањето на уметноста. На крајот, Хомо сапиенс.

Како уметник, не верувам во национални бардови. Како политичар, веројатно би сметал дека е корисно да се имаат, меѓутоа јас тоа, фала му на Бога, не сум.



Минас Бакалчев

Односот на личноста и историјата е двозначен. Од една страна, личноста ја генерира историјата, од друга страна, историјата ја исцрпува личноста. Овој избор на личности од последните сто години на македонската историја, се обидува да ја мапира граничната вредност на националниот идентитет, во којшто се радикализира односот на воспоставување/укинување на личноста во историјата. Постапката е арбитрарна, направена преку оперативниот аспект на личноста, воспоставено во равенството личност = настан, независно од идејниот, теоретскиот концепт којшто ја генерира нивната оперативност. Така личноста е сфатена како вид канал на трансакциска комуникација, преку кој еден медиум се транспонира во друг, преку кој личноста се ослободува од сопствената природна нужност и "историчност" и се сублимира во настанот. Издвоени се два историски настани во коишто, наспрема поставувањето на македонскиот идентитет во светот, како и идентитетот на личноста во македонската историја, се врши надминување на даденоста на постоечкото - не како прифаќање на една дадена стварност туку како слободна самопотврда. Во настаните, серија диверзантски акции во Солун и атентатот на југословенскиот крал Александар во Марсеј, личноста дејствува како "чкрапало" на македонската историја:

Диверзии, Солун 1903 - Јордан Поп-Јорданов; Константин Кирков; Димитар Мечев; Тодор Органџиев; Илија Трчков; Тодор Богданов; Георги Богданов; Милан Арсов; Васил Пингов

Атентат на кралот Александар, Марсеј 1927 - Владо Черноземски (Величко Георгиев)



Отец Методиј Златанов

Ова е мојот избор за најзначајни личности во Македонија во овој век:
Архимандрит Калистрат Зографски (+ 1914). Една од клучните личности за македонската православна духовна култура во преминот од 19-от во 20-от век. Бил игумен во манастирот Зограф на Света Гора. За време на неговото пастироначалствување во оваа света обител, зографскиот антиград доживеал ренесанса во својот подвижнички и интелектуален живот. Биле организирани школи за живопис, црковно пеење, преведување и препишување на значајни дела од црковната литература од грчки на црковнословенски јазик, а секако од не помала важност е и проширувањето и реорганизацијата на манастирската библиотека, која и денес важи за една од најдрагоцените ризници на сеславјанското книжевно наследство. Самиот, пак, Високопреподобен отец Калистрат, со своите исклучителни дарови, зад себе остави капитални дела од областа на филологијата и музикологијата. Автор е и на неколку извонредни музички дела, кои со неговиот оригинален ракопис се зачувани и денес.

Свети Јован Битолски (+ 1966). Во Православниот свет е познат како Свети Јован Шангајски. Овој светител од нашево време, иако не е македонец, со својата духовна и педагошка дејност во Македонија одиграл мошне важна улога во црковниот живот кај нас меѓу двете светски војни. Од 1928. до 1932. година Свети Јован бил професор во Битолската Православна Богословија. Како духовник и учител, тој образувал неколку генерации богослови во Македонија. Некои од нив денес се универзитетски професори, архиереи и презвитери на Македонската Православна Црква, педагози и културни дејци. Се упокоил како Архиепископ на Задграничната Руска Црква во Сан Франциско, каде и денес се наоѓаат неговите свети мошти. Во 1993. година канонизиран е за светител.

Проф. др. Михајло Петрушевски (+ 1990 ). Како познавач и истражувач пред се на македонскиот јазик, но и како научник од светски глас во областа на класичната филологија, професорот Петрушевски е една од оние личности, би рекле дури и појави, во нашата културна историја, која во овој век ни сведочи за непрекинатоста на низата брилијантни филолози во Македонија, низа која започнува со Светите солунски браќа Кирил и Методиј и нивните Свети ученици. Доволно е да ги спомнеме ненадминливите преводи и препеви на Хомеровата "Илијада", "За Поетиката" на Аристотел, "Марталозот" на Прличев и така натаму. Тие се секогаш инспиративни ризници на македонскиот литературен јазик.

Презвитер Стефан Санџакоски (1956). Меѓу нашите современици, пред се заради својот исклучително плоден и благочестив живот, во овој антологиски избор свое место наоѓа и отец Стефан Санџакоски. Свештеник на Македонската Православна Црква, духовен пастир на неброени христијански души, доктор на философски науки, професор на неколку катедри на Православниот Богословски факултет во Скопје, значаен теолог, етичар и културолог. Во својот сестран ангажман, тој е неуморен трудбеник за возобновување на врската меѓу "Атина и Еерусалим" на македонската културна традиција, - возобновување на взаемодејствието на Универзитетот и Црквата Божја. Во својот живот и слово, причина е на вистинска ренесанса во духовниот живот, особено меѓу младата интелигенција кај нас и пошироко. Конечно, како таков, тој е наследник и продолжувач на делото на уште една многу значајна личност од семејството Санџакоски, неговиот родител по дух и по плот, отец Владимир Санџакоски (1912-1987), личност од нашиот црковен живот во повоениот период, за која претстои уште многу да се зборува и да се пишува.



ЖИВКО ПОПОВСКИ

Нација...
Што е тоа НАЦИЈА?

Именка од женски род (не безначајно!).
Човеков пронајдок - еден од најинтересните, а можеби и од најопасните?
Пронајдокот (нацијата) може: да се љуби, да се милува, да се чува, да се негува, да се одгледува, да се развива, да се оплодува, да се објаснува, да се препорачува, да се фали, да се куди, да се негира, да се напаѓа, да се брани, да се тргува, па дури ако сакате, на некој начин, и да се употребува!
Меѓутоа, овој пронајдок на човекот НИКАКО, НИКОГАШ, во какви било услови, од какви било причини, не би смеел да се (ИС)КОРИСТИ!

Кои македонци...

...Со изразита константност, упорност; со сето значење околу зборовите шанса, талент, протекција, време, мит; со нас, и за нас (македонците) го користеа и маркираа дваесеттиот век (без нивно посебно оценување, класификување и осигурување за употреба и во идниот век!?): ...Ванчо Михајлов...?; Киро Глигоров...?; Блаже Конески...?; Љубчо Георгиевски...?; Милчо Манчевски...?



Никос Чаусидис - археолог

- Може ли археологот да говори за прашања од сферата на етничкото т.е. националното?
- Категориите од типот "етничка припадност" или "национален идентитет" спаѓаат во сферата на духовните категории кои ниту непосредно произлегуваат од сферата на материјалното ниту пак во неа нужно се манифестираат. Вие можете да живеете 100 години со најсилно чувство на Македонец, а зад тоа да не останат никакви материјални докази ниту во светот во кој сте живееле ниту во вас самите - во вашето тело и посмртните останки. Никакво фајде од тоа што сте биле голем македонец, ако вие самите или некој друг тоа не го вткае во писмо, говор или песна или нешто друго потрајно од вас самите. Неодамна на телевизијата гледавме документарец за еден човек од Франција кој кон средината на својот живот дознал дека е Македонец (откако разбрал дека татко му, во текот на првата светска војна како дете бил земен од едно наше село и усвоен од еден француски војник). Дали синот на ова дете станал македонец откако ова го осознал или бил македонец и пред тоа, иако тоа не го знаел?

Овој и многу други примери јасно укажуваат на длабоко субјективната природа на категориите "етничко" и "национално", која што, впрочем, е јасно определена и во "умот на јазикот", преку поимот "национално чувство". Ако националниот идентитет се манифестира низ сферата на чувствата, тогаш логично би било, во име на објективноста, а поради променливоста на чувствата, тој да се искажува постојано и во таа смисла да не му се верува на некаков си дамнешен исказ изговорен или запишан во некакви документи и анкети. Впрочем, така и се прави: при секое воведување во нова институција, некој не прашува за националното чувство. Како спој на нашата опседнатост со етничкиот идентитет и потребата од објективност не би било чудно да се појави и нов начин на читање на добро познатиот поздрав: "Добар ден, како денес се чувствувате?"

Но што е со оние кои не го изразуваат или не се во состојба да го изразат својот национален идентитет? Како да се детектира нивната етничка определба?

И покрај упорните обиди на археолозите, примената на полициските методи во оваа смисла покажа незначителни ефекти: - ниту еден откопан костур ниту по долги сослушувања не го искажа експлицитно своето национално чувство. Гледеше логично прашање:
- Дали покојниците и клинички мртвите воопшто имаат национален идентитет?

Националната припадност на човек во кома објективно не може да се одреди, бидејќи: - од една страна, не верувате во актуелноста на неговиот претходно искажан став; од друга страна - не можете да го добиете неговиот сегашен став, и од трета - не е потврдено дека е мртов односно дека нема став по тоа прашање. Ситуација не битно различна ни во случајот со покојниците. Разликата е најчесто во тоа што, поради нивната објективна состојба, најчесто сме помалку заинтересирани за нивната етничка припадност. Но во сферите на археологијата и сродните на неа науки се јавува токму спротивна ситуација во која сме неизмерно заинтересирани за ова прашање, позаинтересирани дури и од нив самите додека биле живи.

За жал, по ова мора да се заклучи дека можностите за апсолутно објективна проценка за нечија етничка /национална припадност завршуваат со моментот кога од истражуваниот не можете да добиете одговор (тој не е тука, не е жив, не сака или не е во состојба да ви одговори). Има многу луѓе кои се на светот би дале кога би можеле на некој наш велик предок да му постават прашање "А како тоа Вие (Александре, Самоиле, Марко ...) се чувствувате, во смисла на вашата етничка припадност ???" - и при тоа одговорот да го снимат на магнетофон.

- Постои ли надеж или компромисно решение?

Маката со овој проблем археолозите, етнолозите и историографите ги довела до решението кое во нивните сфери одлично функционира но не ги задоволува големите покровители на науката (политика, јавно мислење, масовна култура). Решението е категоријата "етно-културно" во значење на културни обележја кои посредно можат да упатуваат и на одредена етнички / племенски /национално определена заедница.



Милчо Манчевски, режисер

ВНУЦИТЕ НА АЛЕКСАНДАР, ГОЦЕ И СКЕНДЕРБЕГ

На Матка еден човек излегува од Мерцедес. Пред да влезе во ресторанот отвара кутија цигари и ѓубрето го фрла на земја. Eдноставно.
Kако да сере одејќи. Bез подзастанување.
За да имаш Мерцедес треба да положиш тест. Тестот е - да имаш пари. Не мораш да полагаш цивилизациски тест. А зошто не? Но што си заслужил да ги користиш цивилизациските придобивки на минатите и сегашната генерација?
Кои се придобивките? Секој смислил мотор со внатрешно согорување, друг пневматски кочници, трет стакло што мрежесто распукнува, четврт смислил компјутер, а петтиот како да го користи во кола. Стотици луѓе испитувале како изгледа да се расчукаш од ѕид (или дрво, или бандера, или карпа) со брзина од 30, 50, 80, 100, 120 километри на саат, анализирале успорени снимки на кои илјадници кукли пролетуваат низ шофершајбни, па после некој експериментирал и заклучил дека ако носиш сигуроносен појас имаш толку-и-толку насто помала шанса да ја бациш шофершајбната, па после да ја гушнеш бандерата. Сево ова се градело врз претходни цивилизациски придобивки, како што се пластика или топење на железо или обработка на кожа или - огин. Единка која придонесува за доброто на групата.
И сето тоа - спакувано во едно вкусно и практично пакетче по име Мерцедес - твое е за 73,000 марки. Ме прашуваат дали се разбираш од мотор со внатрешно согорување, или од топење метал... Не мора да се полага никаков цивилизациски испит за да се уживаат цивилизациските благодети на еден Мерцедес.
А, кога би морал да се полага цивилизациски испит, оној човек од Матка би паднал. И тоа не оти не знае кој е Готлиб Дајмлер. Би паднал оти фрла ѓубре околу себе како да сере додека оди.
Ретко кој од нас тука би го положил тој испит. Да полагаме колективно сигурно би паднале за две секунди. Колективно.
Затоа што колективно ништо не сме придонеле за светската цивилизација, не сме влеале ништо во таа светска река. Оти не сме пронашле (техника), ниту создале (уметност), ниту рефлектирале (духовност). Ние - како парче земја, како група луѓе низ времето и како група луѓе денес - сме придонеле: нула.
Не само што не сме пронашле мотор со внатрешно согорување, ниту сигуроносен појас, ниту топење на метали, ами имаме степен на непотизам неверојатно висок за земја во која се возат коли со волан. Дигресија: дури и нашиот традиционален начин на конзервирање храна не е изменет од раниот феудализам: пржење до смрт (ајвар) или зашеќерување до смрт (слатко, кое веројатно сме го презеле од Турците). (Турците - долго време беа згодно оправдување. Сега во тажалките ни пречи димензијата. Мал народ, демек, сиромашен. Ја игнорираме мудроста на нашите стари: "Мало, мало, ама техничарче!")
Што сме придонеле? Да погледнеме една област во која треба најмалку инфраструктура, та најлесно би можеле да придонесеме нешто. Уметноста. (А да ги оставиме на раат Србите кои го родиле Тесла.)
Кој е нашиот придонес кон светската цивилизација - во уметноста?
Кој, де, кој?
Ич никој. Нула. Зеро. Ништица. Празно. Компир.
Колку за големината и дали таа нешто значи: еве, Ирска не е ни два пати поголема од Македонија (3,5 милиони жители), а има најмалку четири Нобеловци за литература (Џорџ Бернард Шо, Семјуел Бекет, Вилиам Јитс, Симус Хини), а нивниот Џемс Џојс е веројатно еден од најголемите светски писатели игонорирани од Нобеловиот комитет (заедно со Толстој). (Ирецот Џонатан Свифт живеел пред Нобел.) Ич да не зборуваме за нивните рокери Ју-2 и Шинеад О'Конор, режисерите Џим Шеридан и Нил Џордан, итн.
А, не е работата ни во богатството. Една бедна Јамајка (бруто национален продукт $1.640 по глава; Македонија има $1,140) со скоро ист број жители како нас даде еден Боб Марли и цел куп значајни музички жанрови кои кулминираа во реге. И регето и Марли не се мода, ами сериозен и траен придонес во планетарната масовна култура.
Работата е што воопшто и не ни треба, не очекуваме да направиме нешто големо со работа. Ако може гол во 90-та минута - одлично. Инаку, не не интересира. Ако може милијарда на брзина. Не помислуваме дека се си има цена, и милијарда на брзина ќе мора да се отплати - со газот ако не со друго. Дебатата не ја водиме на тема како да се спечали, туку на тема како да се добие милијарда. Дедо Мраз. (По Фројд, давање подароци споено со анални активности.)
Да се погледнеме в огледало: Како колектив не само што не сме придонесле за светската цивилизација, ами сеуште сме заглавени во анална фаза. Како мали деца. Анално експулзивна. Во превод - исфрлачка. Сфинктерот ни попуштил, станал проодна цевка. Според Фројд, заостанувањето во анална фаза се гледа во неконтролирано расфрлање фекалии околу себе (или спротивно, ама слично - со анално-ретентивно однесување). Манифестација на карактер. Или, во превод - на табиет.
Во случајов колективен табиет. Се мисли на групата наша.
Имаме образ да фрламе ѓубре секаде околу себе. Нови депонии сред центар, сред главен град на горда независна држава, многу важна за мирот во регионот и пошироко (во сончевиот систем), членка на ООН, ОБСЕ, Советот на Европа, Партнерство за мир, ММФ,МОК,ФИФА,ФИБА,ФИДЕ,ЦСКА, итн.
Овие новокомпонирани депонии се на десетина метри од постоечки контејнер. Не верувам дека е проблемот во тие десетина метри. Дали немам енергија да ги изодам тие 2 х 10 метри (колку џула, колку калории?)? Или немам време? Имам страшно многу работа. Или, сакам да сум како ној, да не го гледам проблемот, а со тоа ни решението? Налик на родителите на струмичките средношколци, кои после поразителните тестови за дрога, веќе не сакаат нивните деца да се тестираат. Нема тестови - нема дрога. Лист воздух - долга љубов. Како двете женки ноеви кои ги забиле главите во песок, а двајцата мажјаци се прашале: "Кај отидоа женскиве?"
Болниците фрлаат крвави гази, игли од шприцови и инфицирани епрувети во контејнер на педесетина метри од државното Собрание. Болници!
Луѓе фрлаат крвави влошки и манџи од балкон. Сред град. Како да нема да ги видат или мирисаат тие манџи и влошки кога ќе слезат долу. Но буквално секое село (и тука би требало да ги наредиме по азбучен ред) постојат депонии сред село. Покрај патот. До мостот. Во долот. Буништето од минатите векови станало поагресивно, побезобразно, понезауздано. Главна улога играат пластични кеси и пластични шишиња, иако ни гуми и каросерии не се покуси.
(Мислам дека почеток на разрешување на овој проблем е ригорозно оданочување на пластичните кеси и шишиња. Не е убаво да се види ни хартија или стакло фрлени по тревници и долови, ама тие побрзо се распаѓаат. Данокот не е решение, ама барем е активен почеток.).
Што е најинтересно - никому од нам ова не му пречи! Повеќе не интересира Тајван! Ама, кој го врти Тајван!? Не ми мириса од Тајван. Ми мириса на ѓубре.
Серењето секаде околу себе, освен во својот стан (секаде освен кај што треба - играње со фекалии) е само највидлива манифестација на нашето место во светскиот цивилизациски ланец на исхрана.
Затоа и толку инсистираме на нешта неповрзани со денешницата. Александар Македонски (патувал ли тој северно од Гевгелија?) и икони од 14. век. Денес ни еден тротоар не успеваме да одржиме чист - каква врска има освојувањето на Индија? Минатото го користиме како алиби за долната денешнина.



Лилијана Ѓузелова

Дали е возможно да се измират антагонизмите помеѓу конститутивниот народ и другите етноси, што заедно ја чинат националната структура во една држава, па и во нашава? Дали "ние и другите" можеме да живееже, едни покрај други, во мир? Прашањето за нацијата и етносите е проблем што веројатно не е разрешен на најдобар начин (кој е тој?) и на глобален план, зашто барањата на индивидуалните права се вечни барања. Кај нас овие прашања, од 1945 до денес, се решаваа инцидентно, од случај до случај, од влада до влада, од министер до министер. Таквото заташкување на проблемите и нивното одлагање, ни се враќа денес во најизострената можна форма. Би завршила со еден цитат од Цветан Тодоров: Еден добро одмерен хуманизам би можел да не заштити од вчерашните и денешните заблуди. Да престанеме со лесни асоцијации: барањето на правната еднаквост за сите човечки суштества, никако не значи да се отстапи од хиерархијата на вредностите; тоа што ни се драги самостојноста и слободата на поединецот не не обврзува да ја отфрлиме секоја солидарност; признавањето на јавниот морал не го повлекува зад себе неизбежното враќање во времето на верската нетрпеливост и инквизиција..."

Изборот би го започнала со една од најтрагичноте личности во нашата понова историја. Станува збор за Методија Андонов - Ченто. Репресиран е во најпресудните моменти на историјата на оваа земја, ми се чими пред се заради јасно искажаната национална определба, а потоа и од личноте антагонизми. Се прашувам , ако останеше жив, дали политичките збиднувања ќе земеа поинаков тек? Беше пријател на моите родители и го паметам како дете. Ова до три пати го посетив, со мајка ми, во затвор. Ја прашав: Зошто овој добар чичко е во затвор? Ми одговори: Зашто е многу храбар.

Ќе споменам и една жена-терорист што е од овие простори. Контраверзната Македонка Бугарка, Мара Бунева. Забранетите приказни за неа, ја поттикнуваа мојата фантазија кога бев дете. Ја споменувам повеќе заради трагиката на нејзиното саможртвување - по извршениот атентат на еден српски полициски функционер, таа се самоубила. Заради нејзините политички убедувања, дури и нејзиниот акт на самоуништување не се артикулираше со почит.

Георги Киселинов е еден од нашите први лингвист, којшто ми се чини дека не го употребуваме како специјалист (а дали можеби скришно не го користевме?) од причина што имаше поинакви политички убедувања од етаблираните. Во еден период од животот (работев со него) ми беше како учител. Додуша, се нервирше од моето незнаење, а како можеше поинаку? Денес повеќе се срамувам одошто тогаш. Тој беше првиот човек-енциклопедија, со огромна ерудиција, што сум го запознала. Ми ги покажуваше своите трудови (не објавени, во ракопис) и ги споредуваше, наоѓајќи ги идентичните места, со тие што беа издадени од другите. Го паметам како многу лут и огорчен старец, чие дело и знаење не се почитуваа. Д

Димитар Пандилов е следната личност на која се потсетувам. Тивка, ненаметлива, но во исто време силна личност. Неверојатно совпаѓање меѓу личноста и делото. Ми раскажуваше (ми беше професор во гимназија) дека ставен "настрана" поради некои свои политички убедувања и се смееше. Јас го сакав нивното друштво. Го претпочитам друштвото на моите слики.

Михаил Петрушевски е блескав научник, кој дел од нашата научна мисла воведе во светската. Дали доволно го познававме?

На оваа листа би сакала да ја вбројам и мојата пријателка Анета Светиева, заради тоа што поседува зачудувачка енергија да му се спротиставува животот како жена и мајка - речиси без никакви отстапки, за да го создава она што го сака - скулптурата.

http://209.85.129.132/search?q=cache:6zIEk-AO5cUJ:www.templum.com.mk/margina/sodrzina/margina43/anketa.htm+%D0%9B%D0%B8%D0%BB%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B0+%D0%83%D1%83%D0%B7%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B0&hl=bg&ct=clnk&cd=16&gl=bg

Read more...

Бунтовниците од „Бунт“

ЕФТИМ ГАШЕВ: НАШАТА КАУЗА

Бунтовниците од „Бунт“


На Петтата конференција на КПЈ, одржана од 19 до 23 октомври 1940 година во Загреб, македонската делегација предводена од секретарот на ПК, Методија Шаторов-Шарло, беше прогласена како националистичка, поради тоа што делегацијата се спротивстави на кралскиот југословенски закон за колонизација на Македонија, за кој проект програмски се залагаше и КПЈ. За попластично да се илустрира атмосферата во кралска Југославија, во сегментот на дејствувањето на КПЈ и релацијата со Коминтерна по македонското прашање, ќе го наведеме цитатот од Историјата на Сојузот на комунистите на Југославија - (1985 година) : „Националната програма на КПЈ усвоена на Третата земска конференција (Белград, 1-4 јануари 1924 год.) потврдена на Петтиот конгрес на Коминтерната, одржан од 17 јуни до 8 јули 1924 год., но со една суштинска промена-правото на самоопределување на секој народ мора да дојде до израз во паролата „отцепување на поробените народи и создавање на одделни држави“... „Заклучено е, општата парола на КПЈ во врска со правото на самоопределување да мора да се изрази во форма на одделување на Хрватска, Словенија и на Македонија од Југославија и создавање на независни републики“ (стр. 98, 99). Во таква кошмарна политичка клима, македонскиот народ иако окупиран, не беше индолентен кон својата национална и политичка иднина. Но, и покрај националниот ентузијазам, не суштествуваше адекватна, сеопфатна програма на еден општонароден фронт за организирано спротивставување на окупаторот. И покрај сета трагедија, метафорично речено, на крајот од тунелот се наѕираше искрата на надежта, олицетворена во идејата на традиционалната ВМРО. Во индивидуални и групни размислувања се роди идејата за создавање на еден национално-политички пропаганден актив за ширење на идејата за македонската државност, а со самото тоа, борба против големосрпската и големобугарската асимилација. Така, една група скопски ентузијасти, национално македонски дефинирани, се определуваат за создавање на Македонското национално движење - „Бунт“. Тоа се случи на 30 мај 1938 година во Скопје, на иницијатива на Трајко Попов од село Раштак, скопско, и студентот Борислав Градишки од Скопје. „Бунт“ не беше класична политичка организација, туку нелегален национално-пропаганден актив, без формална хиерархиска поставеност. Програмата и целите се подразбираа и од самиот назив на движењето, во чии постулати беа вградени целите на централистичката ТМОРО, приспособени на политичко-економските услови на времето. Национално дефинирани како Македонци, активистите на „Бунт“ се спротивставуваа и на големобугарската кауза на ренегатот Ванчо Михајлов за самостојна Македонија, „држава на македонските Бугари“. Окупираните, Егејскиот, Пиринскиот и Малопреспанскиот дел од Македонија, „Бунт“ ги сметаше како составни делови на единствена Македонија. За илустрација на овие настани ќе се послужиме со искажувањата на Борислав Градишки, еден од основоположниците и идеолозите на „Бунт“. Тој се сеќава на имињата на некои од активистите од тоа време: Димче Недев, Никола и Борис Блажеви, Димче Жабев, Славе Начов, Славе Георгиев, Ѓорѓи Зафировски, Стојан Вуканов, Борис Пешев, Караџа Ристевски, Дончо Рибарски, Киро Стојанов, Тодор и Панче Андрееви, Киро Трајковски-Бавчански, Благоја и Коста Костови, Киро Мошо, Благоја Дилберов, Никола Попов, Трајко Попов, Ефтим Чешмеџиев, , браќата Крсто, Томе, Благоја и Круме Мирчевски, Киро Јорданов и други. Активот се ширеше низ Македонија, па еве и некои имиња од Штип: Ангел Анџакара, браќата Панови, Трајко Патраклиев, Небојша Митревски, Сотир Грне и други. Од Куманово: Благе Каранфилски, Темелко Тошевски, Бранко Димовски...
Борислав Градишки ќе напомене дека заедно со Трајко Попов имале контакти и разговори со познати скопски комунисти Цветан Димов, Орце Николов-Морнарот, Коце Стојановски-Металец, Боро Чушкар, Киро Црногорски, Панче Кондев и др. Се дејствуваше агитациски, ширејќи ја националната идеја, ползувајќи при тоа најразлични форми и методи; какви што беа селските слави, собори и панаѓури, семејните верски празници, каде пред доверливите пријатели се читаше и илегална револуционерна и патриотска поезија на македонски јазик (Б. Градишки, К. Трајковски-Бавчански, С. Таневски) . Истомислениците повремено се собираа на илегални средби каде што долго се дискутирало и оформувало неформалната програма. Се пишуваа куси летоци и растураа по маалските дворови, а позната е и политичката манифестација, кога пред скопскиот француски конзулат, при доаѓање на висок француски функционер, група од десетина активисти на „Бунт“ извикуваа: „Македонија! Македонија! Либерте! Либерте!“Лидерот на „Бунт“, Трајко Попов беше познат, почитуван и нограничено ценет по својата храброст, патриотизам и борбеност во целата скопска околија, како во скопските маала-Чаир, Крњево, Топаана. Истовремено, во тогашната јавност тој беше познат и како раководител, играорец и кореограф на најпознатата македонска играорна група „Раштак“, која со турнеите низ повеќе европски земји ги презентираше македонските песни и ора, како и богатството на фолклорот и носијата. Трајко Попов и Борислав Градишки беа мошне активни за време на предизборната кампања во 1938 година, експонирајќи се на страната на опозицијата, па во една акција се затворени во Ханриево (Ѓ. Петров) од скопската жандармерија и добро претепани.

(продолжува)

http://209.85.129.132/search?q=cache:8PPM0-ZtkUYJ:www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx%3Ftabindex%3D0%26tabid%3D1%26EditionID%3D1558%26ArticleID%3D102762+%D0%91%D0%BE%D1%80%D0%BE+%D0%A7%D1%83%D1%88%D0%BA%D0%B0%D1%80&hl=en&ct=clnk&cd=19

Read more...

Перфидно искривување на историските факти

Перфидно искривување на историските факти

Ѓорѓи Малковски


Ставовите на бугарскиот амбасадор Александар Јорданов за политичката култура на општење и однесување не сакам да ги коментирам. Во тие "културни° размислувања тој зачнува перфидно и историски моменти. Имено, тој тврди дека е неправедно што за "17.000 бугарски офицери и војници загинати на територијата на Република Македонија за време на балканските војни и Првата светска војна° во Македонија нема ниту едно споме­нично обележје. Но, само да го потсетам господинот амбасадор дека во ниту една земја не се подигаат споменични обележја на окупатори. Бугарската војска, заедно со српската и грчката за време на балканските војни ја поделија Македонија и македонскиот народ на три дела, го распарчија ткивото на Македонија и удрија граници во туѓа територија. Поради тоа, тие се за најтешка осуда, а не за подигање споменици. Само ако се фрли бегол поглед на загинатите војници не само во бугарската војска, ќе се види дека најголемиот дел од војниците се токму Македонци, родени по градовите и селата во Македонија кои насилно биле регрутирани и терани да се борат за туѓи, а на штета на своите македонски интереси.

Уште потешки се "размислувањата° на амбасадорот за местото и улогата на бугарската фашистичка војска, полиција, јавна администрација и други окупаторски институции во окупирана Македонија за време на Втората светска војна. Тој се обидува многу перфидно, преку методот на компарација и неточни историографски конструкции да создаде забуна за вистинското место и улога на бугарската војска во борбите за ослободувањето на Маке­донија. Господинот амбасадор зборува за "7.000 бугарски офицери и војници° загинати во борбите во североисточна Македонија. Прво, толкав број загинати бугарски војници и офицери на почвата на Македонија ниту имало, ниту ќе има. Ова е чиста конструкција и измислица. Ако мисли на април 1941 година, тогаш бугарската војска и полиција дојде со благослов на фашистичкиот диктатор Адолф Хитлер и без ниеден испукан куршум го окупира поголемиот дел на Македонија. Немало никакви воени дејства, ниту какви било други оружени судири. Напротив, бугарскиот окупатор во Македонија владееше со силата на оружјето речиси три и пол години, за на крајот срамно да се повлече од Македонија. А, токму заробувањето на Штабот на бугарската дивизија во Скопје од страна на Германците, на 4 септември 1944 година, доведе до решението на Министерскиот совет на Бугарија да и објави војна на Германија. Дел од бугарските воени единици се повлекуваа, дел се разоружуваа од македонската војска и повторно без ниту еден испукан куршум "елегантно° се извлекуваа без да сносат во тој момент казна за сў што направија во Македонија во изминатиот период. На 4 септември 1944 година била издадена наредба од Ј.Б. Тито да се почне со напади на бугарската војска и полиција од страна на македонската војска. На 5 септември 1944 година таква наредба издава и ГШ на македонската војска. Дури на 8 септември ГШ на македонската војска упатил апел до бугарската Петта армија во Македонија да премине на страната на македонската војска. Овој предлог бил одбиен. Бугарските воени команданти докрај останале верни на Германците во Македонија, како и секогаш, играјќи подла и дволична улога и купувајќи време во надеж дека состојбата ќе се промени во нивна корист. Но, сў веќе било доцна. Значи, немало ниту еден загинат бугарски војник во судир со германската војска.

Ако, пак, бугарскиот амбасадор во Македонија мисли на "7.000 загинати бугарски војници и офицери° во завршните операции за ослободувањето на Македонија, тогаш, повторно направил груб превид или пак сака да пласира друга "вистина во размислувањата пред Божиќ°. Имено, согласно договорот од Крајова од 5 октомври 1944 година, помеѓу Тито и делегацијата на Отечествениот фронт на Бугарија, предводена од Добри Терпешев и Петар Тодоров. Тито ја усвоил молбата на бугарската делегација за учество на бугарска­та армија во борбите против германската војска на дел од територијата на поранешна Југославија. Причините се познати. Тоа бил последен момент новата влада на Бугарија да се зближи кон антифашистичките сили и да се "испере° за сите злосторства и репресии на бугарската војска и полиција на територијата на Македонија и Србија. Оттука започнуваат "активностите° за наводниот силен залет на бугарската војска за ослободувањето на Македонија. Но, истовремено од тогаш започнуваат и безграничните игри на надмудрување на бугарската војска која требало да "војува° против германската војска.

Целосно се невистинити "размислувањата° на господинот амбасадор дека, (замислете) "Првата армија во состав од 76.000 луѓе ја спроведува од 8 октомври до 19 ноември страцинско-кумановската настапувачка операција... а Четвртата армија брегалничко-струмичката...°. Ова се, господине амбасадор, комплетно неточни информации, бидејќи само како показател толкава бројка војници и офицери сигурно ќе се забележела на територијата на Македонија и стоилјадната македонска војска немало потреба да води же­стоки борби со германската војска во заминување. Вистината е дека главните борбени дејства паднале на товар на македонската војска. Не е забележан ниту еден позначаен воен судир "на 76.000 бугарска војска° со Германците. Според тоа, немало ниту ранети, а камоли дури 7.000 загинати бугарски војници. Значи, и ова "размислување° на амбасадорот е целосно конструирана невистина.

Интересни се "размислувањата° на господинот амбасадор за наводниот "ослободителен° поход на бугарската војска низ Македонија. Тука тој спомнува повеќе градови во кои, замислете, "на денешната територија Република Македонија° (Македонија ја спомнува само кога е неизбежно, а за цело време не ја спомнува македонската војска, туку наместо неа употребува квалификатив "југословенска војска°) од бугарската војска биле ослободени Куманово, Кочани, Штип... и на крајот Скопје. Повторно целосна невистина и недобронамерни "размислувања пред Божик°. Во врска со ова само ќе го цитирам Извештајот на ГШ на НОВ и ПО на Македонија до Врховниот штаб на НОВ и ПО на Југославија во врска со ослободувањето на Велес и Скопје од 16 ноември 1944 година. Во него се вели следново: "Единиците на 42-та дивизија, на 8 ноември вечерта, го нападнаа Велес и по дваесетчасовна борба го зазедоа. Бугарите разбраа од еден руски полковник при Петтата бугарска дивизија дека Велес е ослободен и Радио Софија објави, на 9 ноември, дека нивните единици го зазеле Велес во содејство со македонската НОВ. Конечно, нашите единици на 12 ноември го нападнаа Скопје, додека Петтата бугарска ди­визија беше на левиот брег на реката Пчиња и бараше од нашата команда на подрачје во Велес да и испрати материјал за поправка на минираниот мост кај Катланово. На 13 ноември утрината се заземени мостовите на Вардар во Скопје.

Кога Бугарите разбраа за овие успеси, побрзаа да влезат во Скопје и на 13 ноември попладне тргнаа од позициите на левиот брег на Пчиња. По борбите во текот на 12 и 13 ноември нашите војски на 14 ноември овладеаја со целиот град и ги пречекаа бугарските сили кои доаѓаа во колона по патот Куманово - Скопје. Радио Софија на 14 ноември објави дека тој ден во шест часот генерал Стојчев го ослободил Скопје, во кој влегле претходни­ците на генерал-мајорот Генче, со помош на месните партизани. Ваквите постапки на Бугарите предизвикаа оправдан револт кај нашите борци и народи, пред, чии очи ова се случува. Молиме, ако е можно, да се протестира кај Отечествениот фронт и да се демантира веста на Радио Софија преку "Слободна Југославија°. Исто така, молиме бугарските трупи што побргу да се повлечат од Македонија°.

Сигурно дека овој документ многу јасно ја дава вистинската слика за тоа какви биле "ослободителните мисии на новокомпонираната бугарска војска°. Според писмените сеќавања на Боро Чушкар (од 1977 година), бугарската војска, која во ноември 1944 година (веднаш по ослободувањето на Скопје) била стационирана на скопското Кале, се симнала, без знаење на македонската воена власт во Скопје, и од кај Старата железничка станица се подготвувала да учествува во свечената парада рамо до рамо со македонските војници. Цврстиот став на македонското раководство и заканата дека доколку само се обидат да парадираат низ Скопје, ќе бидат гаѓани и ликвидирани со "сите можни орудија кои ни стојат на располагање во Скопје°. Заканата имала ефект и бугарските војници се повлекле.

Барањето на господинот амбасадор за одбележување на гробовите на бугарските војници од Втората светска војна на територијата на Македонија е сосема неоправдано и провокативно. Да се одбележуваат гробови на фашистички војници кои биле окупатори во Македонија сметам дека е непримерен гест за еден амбасадор.

Сметам дека е в ред барањето на амбасадорот "пред божикната вечер... пред да биде затворена страницата на минатото треба да биде прочитана°. А што е тоа што во оваа страница "на минатото° треба да се прочита. Најпрво, да се прочита дека бугарската фашистичка војска и полиција насила влегле во Македонија и извршиле класична окупација, насила го наметнале јазикот, ја искривиле историјата, извршија класична денационализација и асимилација, нивните воени и полициски сили ги ликвидираа најголемите синови на македонскиот народ, хероите од Втората светска војна: Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу, Димче Мирчев, Димитар Ангелов-Габерот, Тошо Даскалот, Антева Магдалена, Васил Антевски - Дрен, Илија Антевски - Смок, Киро Атанасовски, Стеван Базерковски, Киро Бајрамовски, Мите Богоевски, Боро Божиновски, Круме Волнароски, Киро Гавриловски, Трајче Петкановски, Мицко Козар, Иван Козаров, Лазо Колевски, Орце Николов, Панче Пешев, Герас Цунев, Јовче Чучук и многу други. Да се прочита дека бугарската фашистичка полиција крена рака на малолетните ваташки де­ца, дека изврши класични масакри врз невино население во Сеченица, Горно Јаболчиште, Речани, дека изврши масовни погубувања на храбрите борци во Фојничка Пештера, Зелениково итн. Добро е да го чувате споменот за Кузман Јосифовски-Питу и, барем на него "да се исперете° во историјата. Неговата смрт е херојско дело, а загина токму против бугарската полиција и нејзините шпиони. Само на тој начин, доколку подигнете споменик пред амбасадата на Република Бугарија во Скопје, навистина ќе поверуваме во вашите "размислувања пред Божик° и заеднички, без напластеното минато, ќе гледаме во иднината, кон Европа и светот. Прошка, г. амбасадоре, прошка треба да барате од македонскиот народ и државата Република Македонија. Само така искрено ќе поверуваме во вашите "размислувања пред Божик° и заеднички ќе одиме по патот на разбирање и почит на минатото, но и на сегашноста.

(Авторот е доктор по историски науки)

http://209.85.129.132/search?q=cache:aryqKS6vwfkJ:217.16.70.245/%3FpBroj%3D1659%26stID%3D27505%26pR%3D7+%D0%91%D0%BE%D1%80%D0%BE+%D0%A7%D1%83%D1%88%D0%BA%D0%B0%D1%80&hl=en&ct=clnk&cd=11

Read more...

ВИКТОР АЌИМОВИЌ - МАКЕДОНСКИОТ ЗОРГЕ!

ВИКТОР АЌИМОВИЌ - МАКЕДОНСКИОТ ЗОРГЕ!


Новинарот и филмаџијата до крајот на својот живот ја носеше етикетата шпион

пишува: БРАНКА ДОНЕВСКА-НАЈДОВСКА

Животот на Виктор Аќимовиќ останува под превезот на мистиката, што неговиот статус на некогашен известувач, го исплете со многу приказни за домашната варијанта на Рихард Зорге. Две децении по неговата смрт, Државниот архив на Македонија се' уште не располага со неговото полициско досие, иако од Министерството за внатрешни работи беа преземени околу 20 илјади досиеја. Личноста и делото на овој публицист, новинар, филмски и фотографски автор до скоро беа третирани како своевидна табу-тема, а тој до крајот на својот живот ќе ја носи етикетата „шпион“, поради бројните апсења и судски процеси што ги воделеа против него различните режими. По новинарските кулоари и денес кружат легендарни стории за неговото бунтовништво (кое често изгледало само како зачувување на прометејскиот дух), јавни опонирања на властите и демистифицирањата на вистините за Народноослободителната војна и повоената изградба на земјава. Бил пријател со Кочо Рацин, Павел Шатев, Антон Панов и жесток критичар на „големците“ како Страхил Гигов и Боро Чушкар. Оние што го познавале ќе речат дека тој е личност која спаѓа во онаа малубројна група луѓе кои се издвојуваат со своите политички погледи, оставајќи белег на своето време. Ќе речат и дека тој не е идеална фигура туку, напротив, се работи за контроверзна биографија, но она по што го паметат е неговата верба во „вистината за Македонија и македонската нација“. Од друга страна, пак, тој до крајот на својот живот ќе остане приврзан кон идеите на комунизмот и авторитетот на Советскиот Сојуз.

ИСТРАЖУВАЊЕ „Виктор Аќимовиќ им остави голема работна задача на македонските историчари и архивисти. Неговата богата оставнина во вид на записи на хартија, филмски ленти, фотографии, претставува предизвик за вистинска научноистражувачка работа. Архивската граѓа во фондот ’Виктор Аќимовиќ’ е меѓу ретките во нашата држава. Сепак, за комплетно доразјаснување на Аќимовиќ денес за науката се' уште недостасуваат полициските досиеја водени за него“, вели Бранислав Светозаревиќ, чиј магистерски труд е токму на темата „Историски и архивистички аспекти на архивскиот фонд ’Виктор Аќимовиќ’“.

За тоа како дошол до идејата да се занимава со овој наш деец вели дека, како историчар, неговото повеќегодишно истражување на тетовската култура, неминовно го одвело до името на Виктор Аќимовиќ. „Речиси сите мои разговори со одредени личности кои го познавале се сведуваа на оцените дека тој бил одличен новинар, фотограф и снимател, но и шпион. Сето тоа уште повеќе ја зголемуваше мојата љубопитност. Поминаа две децении од неговата смрт, но се' уште не се создадени условите за целосно разоткривање на мистеријата околу него“, истакнува Светозаревиќ.

Ќерката на Аќимовиќ, Виринеја Кајзер, која живее во Марибор, прифаќајќи ја поканата на „Глобус“ да зборува за својот татко, го дели мислењето на историчарот: „Единствен проблем, вели таа, гледам во вашето прашање - кој беше тој. Би било лесно да знам. Меѓутоа, не знам! Бев мало дете за време на Втората светска војна, а подоцна бевме толку малку заедно, што многу ми е тешко да ви одговорам кој, всушност, бил мојот татко. Она што со сигурност го знам е дека беше добар новинар, фотограф, снимател и голем интелектуалец и борец за правата на македонскиот народ. Поголемиот дел од животот го помина по разни затвори во бивша Југославија.“, раскажува г-ѓа Кајзер.

Фактографијата, пак, во овој наш обид да го доближиме Виктор Аќимовиќ до пошироката јавност вели дека тој е роден во Тетово на 15 мај 1915 година, во видно семејство, кое се доселува во градот во средината на 19 век. Поточно, прадедото на Виктор, Стојко Аќимовиќ е првиот учител на српската пропаганда во Тетово од 1861 година, кој доаѓа од скопското село Похошево. Фамилијата Аќимовиќ во времето на Викторовата младост ги уживало привилегиите на Кралството на Југославија, како истакнато просрпско семејство со заслуги за ширењето на српската просветна пропаганда во Тетовско. (Токму тој факт, се чини, за Виктор претставува голем хендикеп, бидејќи неговото потекло предизвикувало кај припадниците на социјалистичкото и комунистичкото движење во Македонија сомневање во вистинските негови определби.) Татко му, Лазар, бил моден кројач, но по Првата светска војна работел како државен чиновник и со мајка му Параскева Герасимова, прилепчанка, имале уште еден син и две ќерки. За време на основното образование Виктор бил мошне активен во скаутското движење на Тетово, скијал и се занимавал со фотографија, бидејќи и Лазар бил фотограф – аматер. Неговиот дедо Љубомир бил учител, како и прадедото, што му овозможило интелектуално опкружување и пристап до поприлично богатата семејна библиотека. Од 1932 година до 1934 учи во средното земјоделско училиште во Крижевци, Хрватска. Во тоа време ги познавал, покрај македонскиот и српскиот, турскиот, албанскиот јазик, а подоцна и словенечкиот, бугарскиот, рускиот и францускиот јазик. Уште во Крижевци пројавил антирежимски ставови за што бил казнет од судот со 14 дена затвор и отпишување од училиштето поради „ширење комунизам“. По издржаната казна (1934 година) се вратил во родниот град, но само по два месеца, поради неговиот напис објавен во „Глас Полога“, во кој се критикува работата на социјалната служба за осигурување во Тетово, заработил нова тужба. Во ноември истата година почнал да го издава својот весник „Тетовске новине“, а како уредник, покрај него, се појавува и Боро Атковиќ. По првиот ден од излегувањето, промакедонските ставови, промовирани во весникот, провоцираат судско решение за забрана за печатење. „Тетовске новине“ сепак, излегува уште извесно време, но Виктор, веќе бил земен „на око“ на властите...

ПРЕСУДИ На 19 ноември 1938 година во Бања Лука се оженил со Милена Година од Марибор, словенечка актерка, со која дошле да живее кај неговите родители. Истата година станала и припадник на вооружените формации на СССР односно, работи, како и неговиот пријател Павел Шатев, на „специјални задачи од военоразузнавачки карактер на секторот Македонија – Грција – Албанија“. Иако, како агент на советскиот НКВД бил постојано на списокот на тетовската полиција за сомнителни лица, заминал во Марибор каде што со помош на својот тест го уредува и отпечатува првиот број (во три илјади примероци), на својот весник „Јужна стварност“, во кој отворено, покрај критиката на тогашните социјални неправди, се изјаснил и за македонското национално прашање. Имено, Аќимовиќ преку „Јужна стварност“ жестоко реагирал на тогашните ставови на академикот Никола Вулиќ, член на Српската кралска академија од Белград, кој во своите предавања целосно го негира постоењето на Македонија и македонскиот народ и ги преименува во Јужна Србија и јужносрбијанци. Весникот, кој бил дефиниран како „весник за сите културни прашања во Македонија“ веднаш е забранет! Последиците од спротивставувањето на Вулиќ брзо ги почувствувал: Аќимовиќ бил уапсен и спроведен во логорите Меѓуречје – Ивањица и Билеќа. Светозаревиќ во својот труд пишува дека таму Аќимовиќ главните тешкотии ги има, не толку од логорските власти, колку од самите затвореници во т.н. македонска соба. Имено, логорашите Страхил Гигов и Боро Чушкар му го „залепуваат епитетот провокатор и шпион“ и секогаш кога ќе им се даде прилика, за време и по војната, ќе му го загорчуваат битисувањето на Виктор. По издржаната казна, во почетокот на 1941, Аќимовиќ е регрутиран во составот на Југословенската војска во Србија, каде што и го затекнува нападот врз Кралството Југославија од страна на фашистичките сили и од каде што, по брзата капитулација се вратил во Македонија. Почнува да работи во Скопје (хонорарен книговодител на железничката станица) и се поврзува со активисти на Комунистичката партија, но во исто време редовно контактира со Љубомир Пентиев, член на Работничката партија на Бугарија, преку кого доставува информации за разузнавачката служба на СССР. (Во меѓувреме, од Италија и Тирана во отсуство е осуден на една година затвор за поттикнување востание.) Неуморниот Аќимовиќ паралелно со политичката активност, во окупираното Скопје објавува фотографии, пишува критики и соработува со македонските уметници Димитар Тодоровски, Никола Мартиновски, Методија Лепавцов...

Во 1944 година романтичарскиот дух ќе го приклучи на НОВ и е еден од првите фотодокументаристи во Главниот штаб на Македонија, а со своите фотографии учествува и во првите броеви на весникот „Нова Македонија“. Виринеја Кајзер, која е родена во Скопје во 1940 година, а нејзиниот брат Карпо, три години подоцна, раскажува за нивниот живот, во куќата на родителите на Виктор за време на војната. „За мајка ми тоа беа тешки денови. Во тоа време да се рече дека некој е по професија актерка, било исто како да се каже ’курва’. Згора на се', Словенка! Поради тоа, мајка ми во Тетово односно, додека траеше војната многу претрпе. Понекогаш сме немале дури ни што да јадеме... Милена со нас, двете деца, некое време беше и во Струмица, кај сестрата на татко ми, Ружица. Крајот на војната го дочекавме на Водно, во Скопје, каде што мајка ми беше куќна помошничка кај некои Чеси“, се присетува ќерката на Аќимовиќ.

По ослободувањето, Виктор му се враќа на семејството , а Милена се вработува во театарот, каде што игра во првата претстава на македонски јазик „Платон Кречет“ и која на турнејата по Пиринска Македонија го добива орденот на Георги Димитров, како заслужна актерка. Поради јавниот судир со функционерите Гигов и Чушкар, Аќимовиќ работи како дописник на „Политика“ и Белградско радио, хрватскиот „Илустриран вјесник“ и љубљанскиот „Товариш“, но не и за македонските весници. Неговата ќерка вели дека нејзе и' се чинело дека се' е во најдобар ред. „Со брат ми Карпо бевме запишани во градинка, бидејќи родителите ни работеа. Во есента 1946 почнав да одам во училиштето ’Његош’ и да учам на македонски јазик, а летата ги поминувавме во одморалиштето за деца што се наоѓаше на Водно“, раскажува Виринеја.


„Дома ни влегоа луѓе во кожени палта, испревртија се' и ја запечатија работната соба на татко ми“: Карпо, Милена, Виктор, Виринеја со внуците во Словенија

АПСЕЊЕ Нормалниот живот на семејството, сепак, не траел долго. Во март 1949 година ќе се случило она што ќе ги одбележи сите негови членови трајно: таткото Виктор одненадеж бил одведен. „Мајка ми не знаеше ниту зошто е уапсен ниту каде е“, се навраќа на тешките моменти ќерката. „Паметам, како денеска, дома ни влегоа луѓе во кожени палта, испревртија се' и ја запечатија работната соба на татко ми, а на Милена и' наредија да ја напушти Македонија за три дена, но и' потенцираа дека не смее да замине во ниту еден главен град од тогашната држава“. Милена Година со своите деца заминала во Марибор, кај нејзиниот татко и маќеата. Во меѓувреме, непознати луѓе дошле со камиони и натовариле се' што можело да се понесе од станот на Аќимовиќ, вклучувајќи ги и петте илјади ретки книги и бројни фотоматеријали. Одземеното никогаш подоцна не е вратено на неговите наследници.

Всушност, според пресудата на Окружниот суд во Скопје од 1950 година против Виктор Аќимовиќ, тој се товари дека за време на окупацијата во Скопје имал контакти со окупациските власти и дека во септември 1944 година бил избран за член на иницијативниот комитет, заедно со Мирко Стефановски и Георги Киселинов, а овој комитет, според пресудата, требало да претставува дел од марионетската управа на т.н. Независна држава Македонија на чело со Иван Михајлов, создадена и контролирана од Гестапо. Светозаревиќ во својот магистерски труд вели дека евентуалното инволвирање на Виктор во вакви акции може да се објасни како дел од неговите специјални задачи кои ги извршувал за потребите на советската армија. „Низ сите свои новинарски записи, тврди Светозаревиќ, Аќимовиќ искажува голем патриотизам и љубов спрема Македонија. Уште во тоа време тој известува за геноцидот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија, правејќи притоа историски осврти за односот на Грците спрема Македонците со векови наназад, но и за судењата на бугарските окупатори“. Според истражувањата на архивистот, вистината е дека во есента 1948 година со Аќимовиќ контактирал Љубомир Пентиев, сега советник во бугарската амбасада во Белград, кој бара од Виктор повторно да се активира како разузнавач, но овој пат во сосема нова улога - во служба на Информбирото. Аќимовиќ го пријавил писмото на македонските власти и се упатил на средбата. По кусо време, Виктор Аќимовиќ е осуден на четири години затвор со обвинение дека се обидел да пребега во Унгарија!

ГОЛИ ОТОК „ Наеднаш се најдов во Марибор“, раскажува ќерката. „Меѓу непознати лица, меѓу деца кои пишуваат на латиница, кои зборуваат словенечки, а јас не знаев ни буква, ни еден збор од тој јазик. На Карпо му беше ’полесно’ зашто тој не одеше во училиште. Тројцата живеевме во соба од девет квадратни метри, а кога по шест месеци мајка ми се вработи, животот ни стана полесен“. Меѓутоа, ниту ова „спокојство“ не траело долго. Наскоро, Милена Година била одведена насилно од домот, не дозволувајќи ниту да се поздрави со своите деца. Нејзиниот брат, Албин Година – Војо, за среќа, во тоа време бил видна личност во Трст и дознавајќи дека неговата сестра ќе биде испратена на Гргур, Голи Оток, поради сомневање дека му помагала на сопругот, им напишал на властите писмо во кое ги моли невината жена да ја пуштат од притвор и Милена била ослободена. За тоа време Виктор ја издржувал казната во затворите во Битола и во „Идризово“, во друштво на Павел Шатев. Семејството го посетувало во „Идризово“, а по четири години тој им се придружил во Словенија. „Татко ми немаше вработување, така што мајка ми со својата скромна плата од театарот не' издржуваше нас четворицата, во малата соба на дедо ми“, вели г-ѓа Кајзер и без горчина додава дека, сепак, разделеноста си го направила своето, но и карактерот на самиот Виктор. „Една од неговите мани беше што многу ги сакаше жените, а и жените му беа наклонети, бидејќи беше симпатичен, интелигентен, духовит... Така што, разводот беше неминовен. Во 1955 моите родители се разведоа, татко ми се исели и повторно се ожени со жена која веќе имаше две ќерки. Со новата сопруга добија уште едно женско дете, нашата полусестра Вихорка“.

Ниту тој брак не траел долго. Немирниот Виктор се развел и од втората сопруга и дошол во Скопје, каде што повторно се оженил со љубовта од младоста, пијанистката Калипсо Налча од Битола, која имала една посвоена ќерка. Иако Аќимовиќ го посетувал семејството во Марибор, а и децата доаѓале на гости кај бабата и дедото во Тетово, нивните патишта веќе потполно се разделуваат. „Мајка ми го сакаше Виктор до крајот на својот живот, а сигурна сум дека, и покрај се', и тој имаше емоции за неа. Милена никогаш повеќе не се омажи, а на Карпо и мене секогаш ни зборуваше дека тој е наш татко, човекот од кого и' се двете прекрасни деца. Никогаш не бараше никакви пари од него, сама не' воспита, сама не' школуваше. Беше вистинска ’мајка храброст’, улога што подоцна ја глумеше во театар“, тврди ќерката, која раскажува дека Карпо Година (истакнатиот словенечки снимател и филмски режисер) со татко му се гледал на разни филмски фестивали во земјата и во странство и дека последен пат ова семејство се собрало во Скопје 1985, на прославата на 40-годишнината на Македонскиот народен театар, каде што Милена Година љубезно била поканета. „Карпо го виде само уште еднаш, две години подоцна, по смртта на Калипсо, што татко ми многу изгледа го погоди. Којзнае, како живеел тогаш, како се прехранувал...?“ , со тага констатира Виринеја и продолжува: „Кога се врати брат ми во Словенија, ме замоли да му се јавам на Виктор. Бев трогната кога го слушнав гласот, што повеќе не беше ’негов’. Го поканив да ме посети и тој вети дека ќе дојде, но нашата средба никогаш не се случи. Мојот татко почина на 21 декември 1987 година. Од нас, само јас присуствував на погребот зашто Карпо беше во Америка, каде што во тоа време снимаше филм“.

ПРИЗНАНИЈА Всушност, во годините по враќањето во Скопје од Словенија, Виктор Аќимовиќ се соочувал со немаштија, но како што вели Бранислав Светозаревиќ, храброст не му недостасувала. Од 1960 тој работи како слободен уметник, како член на Друштвото на ликовни уметници на применета уметност на Македонија, но и како слободен телевизиски репортер во информативно – политичкиот сектор на Радио – телевизија Скопје. Во наредните две децении Аќимовиќ им се посветува на филмот и на фотографијата. Во Кинотеката на Македонија се чуваат стотина награди и признанија на Виктор Аќимовиќ, меѓу кои „Сребрена плакета“ на Првиот фестивал во Скопје на „Средбите на солидарноста“ (1967 година) за филмот „Циркус интернационал“, највисоката награда на Фестивалот на аматерски филм во Скопје наредната година, „Сребрена плакета“ на Меѓународниот филмски фестивал на аматерски филмови во Кан, што Аќимовиќ ја доби за својот филм „Бел гулаб“ во конкуренција од 24 земји. На Меѓународниот филмски фестивал во Луксембург, во официјална конкуренција биле прикажани три негови филма, а за еден од нив, „Циганска молитва“ е награден со „Бронзена плакета“. Тој е еден и од основачите на скопскиот клуб „Камера 300“, учесник е на бројни меѓународни изложби на фотографија и еден од најпочитуваните сниматели и фотографи на Балканот, но и во Европа. Меѓутоа, ниту неговиот политички живот не бил занемарен. Импозантната архивска граѓа што ја остави овој исклучителен човек сведочи за едно активно живеење во сите сфери. Како што тврди Светозаревиќ, Виктор бдеел врз секоја издадена книга и објавен новинарски напис и реагирал на сето она што сметал дека е невистина и преувеличување, и покрај постојаните закани дека ризикува се', и покрај свесноста дека во некои моменти е сам против сите.

„Најголемата неправда што му ја нанеле режимите на Аќимовиќ не се затворите и малтретирањата, туку обидот неговите дела да се припишат на други луѓе затоа што се создавани во т.н. историски моменти, кога ретко кој се одлучувал да се изјасни и да го искаже својот став“, вели Светозаревиќ кој за време на двегодишното работење на оставината на Аќимовиќ се запознал поблиску со човекот кој бил опозиција на сите три системи во кои временски е сместен неговиот седумдесет и тригодишен живот. „Тој се соочил со парадоксите на својата борба: му било забрането професионално да го употребува јазикот за кој се борел и за кој бил подготвен да го даде и својот живот. Да биде прогонуван од системот за чија идеологија, исто така, се жртвувал. Меѓутоа, најголемиот парадокс е тоа што останува верен до смртта на идеологијата и својата нација, кои за време на неговиот живот не го прифаќаа“, истакнува Светозаревиќ. На крајот, можеби најкусото објаснување за важноста на Аќимовиќ е содржано во анегдотата што ја негуваат неговите современици дека во „Вардар филм“ го „чувале“ заради демократијата. Имено, кога некое сценарио ќе го одобрел тогашниот Централен комитет, за тоа требало да се гласа и во спомнатата филмска институција. Сите гласале „за“, само Виктор Аќимовиќ бил против и – обратно...

Британска суета и конфликтност


„Беше остар на јазик, интелигентен во заклучоците и доста суетен", вели Томислав Османли

Еден од оние што го познавале Виктор Аќимовиќ е и новинарот и писател Томислав Османли, кој за него вели дека бил исклучителна и возбудлива личност: „Неверојатно е како е спасен на самиот крај од војната, речиси грифитовски и во последен миг извлечен од пред стрелачки вод од страна на советската воена делегација во штотуку ослободена Албанија! Се зборуваше дека има висок чин во НКВД, дека поседува неверојатна збирка ретки книги, фотографии, снимки и важни документи кои би сакале да ги имаат и властите…“, тврди Османли и се потсетува дека со него се зближил кога со младешки ентузијазам истерувал правдина околу загрозеното авторство на едно негово филмско сценарио. „Единствената поддршка ја добив од Владо Харалампиев, тогашен директор на Авторската агенција, и од Виктор Аќимовиќ, кој во тоа време се дружеше со Владо. За мојот авторски случај и тука зборуваше, а исто така и пишуваше во словенечкиот печат онаков каков што беше – без влакна на јазикот“, вели Османли. „Беше остар на јазик, интелигентен во заклучоците и доста суетен. Еднаш му реков: ’За вас зборуваат дека сте биле советски известувач. Кај вас не препознавам комунистичка скромност, туку британска суета, како да сте биле човек на Интелиџенс сервис’. ’А ти’, ми рече, ’си интелигентно момче, ама и многу дробиш!’“ Томислав Османли вели дека Аќимовиќ доаѓал во Редакцијата на “Млад борец” со своето кученце кое дисциплинирано ќе фатело место во еден ќош на неговиот новинарски бокс. Малечкиот, бел мешанец го викале Калвик, што било комбинација од Калипсо, името на неговата сопруга и Виктор. „Својата љубов двајцата ја насочуваа кон кученцето. Зборуваше дека можат да те напуштат сите, но кучето секогаш ќе остане приврзано за тебе. Го враќав во минатото кое многу го возбудуваше. На тие средби доаѓаше ненајавено, секогаш носеше интересни материјали: стари фотографии од предвоениот и повоениот период, документи, многу стории секогаш поткрепувани со исечоци или архивски материјали. Ми кажа дека работел за советската разузнавачка служба и ми го покажа одликувањето што го добил од неа. Материјалите ги предавал во советското дипломатско претставништво во Софија каде што, ако не ме лаже сеќавањето, ми тврдеше дека преку целата војна и фашистичка доминација, се веело знамето со срп и чекан“, вели Османли.

„Знаев дека во Кралството Југославија издавал весник во кој ги бранел македонските национални позиции, а го познавал одблизу и се дружел со Павел Шатев. Инаку, Виктор секогаш се строеше спроти струјата. Ми зборуваше за книгата сеќавања што активно ја пишува и која, се сеќавам јасно, имаше необично име – ’Еретикон’. Таа требаше да ги носи одблесоците на неговиот возбудлив живот и неговиот авантуристички дух. Беше исклучително политизиран, чудак и не ретко конфликтен. Полицијата веќе еднаш влегла во неговиот стан и однела многу материјал за кој Виктор не знаеше каде точно се наоѓа. Поради таа богата и возбудлива биографија и багаж што го носеше со себе, го замолив овие разговори да ги снимаме во големо интервју на магнетофон. Ме погледна, се сеќавам, со неговите проникливи и влажникави очи и - одби. Сфатив дека тоа за него би било невнимателно. Потоа направив грешка во формулацијата: ’Добро, му реков, лентите можат да останат кај вас, а по крајот на животот ќе ми ги оставите на располагање’. Поради идејата на смртта што ја имплицираше овој разговор, стана и замина лут како рис. Виктор Аќимовиќ го видов во сосем поинаква светлина кога ме пронајде во Прилеп и ми јави дека починала неговата сопруга Калипсо Налча и ме замоли да говорам на нејзиниот погреб. Ни трага немаше од оној цврст и остар човек на кого бев навикнат. Така сентиментален, смекнат и внимателен не го бев видел до тогаш. Смртта на блиските е жестока поука и за најцврстите. Смртта, пак, на Виктор е една посебна епизода. Умре дома сам и го најдоа по пријава од соседите поради најстојчивото квичење на неговиот пес оставен на балконот. Еден мал и посреден омаж на Виктор му направив во играниот филм ’Ангели на отпад’ каде што песот на главниот лик го крстив Калвик, според името на едно од најсаканите суштества на Виктор Аќимовиќ. Никогаш не дознав дали наследниците го пронашле ракописот на ’Еретикон’ на неговата работна маса “, вели Османли.

Станот ни е бесправно одземен


Ќерката на г-ѓа Калипсо го продаде станот на татко ми и исчезна некаде во Грција: Виринеја и Виктор во 1985

Кога во 1987 година, тогашната милиција влегла во станот на веќе починатиот Виктор Аќимовиќ, наишле на несекојдневна глетка: просториите биле преполни со документи, филмски и фотоленти, фотографии, книги, списанија и други материјали. Домот на Аќимовиќ бил судски запечатен, а на неговите деца не им бил дозволен пристап во него. Ќерката и синот на Аќимовиќ, Виринеја Кајзер и Карпо Година, започнале судски спор околу станот што се наоѓал на улицата „Ѓуро Салај“ тој правилно да се подели меѓу неговите наследници.

„Со години траеше таа наша битка за да го добиеме она што ни припаѓа. Имавме ’прекрасен’ адвокат кој од нас, кои бевме далеку, само бараше пари, а не направи ништо. На крајот дојде до тоа, станот неправедно да го добие ќерката на г-ѓа Калипсо, која го продаде и исчезна некаде во Грција. Никогаш не се појави на ниту една парница и така тогаш во ’правната’ држава Македонија останавме и без оној мал дел што ни го остави татко ни. Карпо се обиде се' случајот да се реши на законски начин. Разговараше дури и со Лазар Колишевски, кој добро го познаваше татко ми, но се беше залудно!“, тврди Виринеја Кајзер.

Од Прага до Тетово


Најголемиот парадокс е тоа што останува верен до смртта на идеологијата и својата нација, кои за време на неговиот живот не го прифаќаа: м -р Бранислав Светозаревиќ

Бранислав Светозаревиќ, кој две години посветил на истражувањето на архивските записи за Виктор Аќимовиќ, е роден во Скопје (1966 година), но потеклото, а и животот му е во Тетово. Дипломираниот историчар од 1992 година е вработен во Државниот архив на Македонија, одделение Тетово и е виш архивист во Одделението за евиденција и заштита на архивската граѓа во Архивот. За 2001 година е прогласен за најдобар архивски работник во Македонија, автор е на пет труда и на бројни статии што се објавувани во „Гласникот“ на ИНИ и во научните списанија во земјава. Учесник е на повеќе изложби на фотографија, филателија и картофилија поврзани со македонската историја, а во 2006 е и соработник на првата македонска енциклопедија што ја подготви МАНУ. Светозаревиќ е оженет со професорката по солфеж, Андријана, со која ги има ќерките Марија, Мила и синот Божидар и е првиот магистер по предметот архивистика и историја во државава. Во идните планови му е зацртано да се избори една улица во Тетово да го носи името на Виктор Аќимовиќ и успешно да ја завршат книгата за Аќимовиќ, што ја подготвуваат Кинотеката на Македонија заедно со Државниот архив.

Интересно за Светозаревиќ е тоа што неговиот прапрадедо, Чехот Хиполит Покорни бил архитект, кој со австроунгарците дошол наменски од Прага за да ги проектира Машката гимназија во Сараево и библиотеката во Бања Лука (денешниот парламент на Република Српска). Синот на Хиполит, Светозар, оженет за Германката Оливера Шварц, завршил во Виена архитектура, но како српски војник во Првата светска војна, завршил во затвор во Пловдив, каде што и умрел. Дедото на Бранислав, Бранко Покорни, како агроном од Кралево го испратиле во Прилеп, па во Тетово, каде што по женидбата со Славјанка, ќерка на локалниот војвода Трајче Бајрактар, се населил трајно. Таткото на Бранислав, Божидар, пред Втората светска војна го сменил презимето Покорни за Светозаревиќ.
http://www.globusmagazin.com.mk/?ItemID=1FBA04844AE9B840BA8E1D11120BE056

Read more...

„Фудбалот го спасил Шпиц од смрт“

„Фудбалот го спасил Шпиц од смрт“


ФК „МАКЕДОНИЈА“ И НЕЈЗИНИОТ ТРЕНЕР ИНСПИРАЦИЈА ЗА филм

Фудбалот го спасил Шпиц од смрт


„Трето полувреме“ ќе биде филм за Македонија под фашистичка окупација, за фудбалски клуб кој требало да стане шампион, за холокаустот и за борбата против фашистите


Уплакана и избезумена сопругата на тренерот на фудбалскиот клуб „Македонија“, Илеш Шпиц, утрото на 8 март 1942 година втрчала во Градската општина, кај секретарот на клубот Мицко Симеонов за да соопшти дека нејзиниот сопруг го уапсиле. Евреинот, со потекло од Унгарија, бугарските полициски сили го транспортирале со воз за логорот Треблинка. Но, спортските врски веројатно биле посилни од политичките. Некаде кај Врање, кај Сурдулица, тренерот Шпиц е симнат од возот по ургенција на висок политички функционер, откако интервенирал инженерот Димитар Шкартов, претседател на ФК „Македонија“. Живеел за фудбалот и животот го загубил заради него - во 1961 година на скопскиот „Градски стадион“ нервозен од текот на натпреварот „Вардар“ - ФК „Београд“. Ова е дел од приказната поради која режисерот Дарко Митревски одлучи да го прави филмот „Трето полувреме“, а зад кој како продуцент ќе застане светски познатиот продуцент Бранко Лустиг. Екипата од Америка во Македонија доаѓа идниот месец за да одберат локации за филмот.

СО ГОЛЕМО СРЦЕ И СО ЖОЛТА ЅВЕЗДА НА РАКАТА

А „македонската“ приказна за Шпиц почна во 1939 година, кога тој од сплитски „Хајдук“ дошол во Скопје. Роден е во 1902 година. Имал ограничено движење и патување, постојано на раката и на реверот носел жолта ѕвезда, како и останатите Евреи. Лично го познавав Шпиц, беше дружељубив, а особено со новинарите. Помалку молчалив и затворен изгледаше постар за годините што ги имаше. Никогаш не се пожали за тоа што му се случи, но имаше искрена и трајна благодарност за скопјани, кои му го спасија животот. Молчеше веројатно зашто знаеше кој му го спаси животот и во какви околности, ни рече Борис Поп Ѓорчев, публицист што се занимава и со спортска историографија. ФК „Македонија“ и софиски „Левски“ го играле историскиот натпревар за шампион на Бугарија на скопскиот „Градски стадион“ на 29 март 1942 година. ФК „Македонија“ водела со 2 спрема 0. Потоа „Левски“ дале нерегуларен гол, кој бугарскиот судија го признал. Настанала мешаница и судијата го прекинал натпреварот и прогласил службена победа на „Левски“. Навивачите не сакале да си заминат од стадионот и скандирале „Македонија, Македонија“.

СПАСИТЕЛОТ НА ШПИЦ БИЛ СТРЕЛАН

- Фудбалскиот клуб „Македонија“ по ослободувањето, во 1945 година беше табу-тема. Таа контроверза продолжува и денес. Клубот настана веднаш по бугарската окупација во 1941 година. Еден месец по формирањето, во мај беше коптиран во бугарската фудбалска лига. Сите се прашуваа како и со која цел е формиран. Клубот дури даде репрезентативци за Бугарија, ни објаснува Поп Ѓорчев.Спасителот на Шпиц, претседателот на клубот Шкартов и членот во управата Димитар Ѓузелов во 1945 година биле прогласени за народни непријатели и биле стрелани. Македонија под фашистичка окупација, трагедијата и холокаустот на македонските Евреи, борбата на една мала земја против фашистите, прикажана преку фудбалската игра на ФК“Македонија“ и импресивната биографија на Шпиц се суштината на сценариото за новиот филм на Митревски. Тој веќе една и пол година работи во Америка.

Лилјана Грџо Дамовска-Дневник

Read more...

Едно половично разголување

Едно половично разголување



Роден е на 9 февруари 1939 година, во 1 часот по полноќ. По 50 години, еден ден подоцна, а половина час порано, Лилјана Дирјан ќе му го роди синот кој после самиот и се јавил на сон како Борјан. Неговото родно место е случајно Чачак, во срцето на српска Шумадија. Нешто помалку значајно таму се нашол татко му, Димирар Христов Ѓузелов(иќ). Тој, пак, претходно, со „указ“ на крал Александар бил назначен да биде гимназиски професор (со универзитетска диплома од скопскиот Филозофски факултет, 1926), откако во 1931 година од истиот бил амнестиран (под притисок на меѓународното мнение и Друштвото на народите) од дваесетгодишната робија, на која бил осуден како главно обвинет и водач на илегалната ММТРО (Македонска младешка тајна револуционерна организација), на познатиот Скопски студентски процес во есента 1927 година. Во Чачак е крстен како Богомил, најверојатно зашто токму тогаш татко му ја пишувал својата студија за Богомилите (што нешто подоцна е објавена во скопското списание „Луч“)... Сломот на Кралството Југославија во 1941 година татко му го затекнува во Скопје, каде што следната година е назначен за началник на Радио Скопје. Неговите први спомени од детството, како трајни отпечатоци се спомнати во повеќе негови песни, најобемно во неговата последна стихозбирка, заедно со подоцнежните спомени од куќата во Маџир-маало…

Кога кај вас се роди поривот за пишување, кога се навести вашата идна посветеност на литературата?

- Отсекогаш сум знаел дека ќе пишувам, но не сум знаел – за што. Кога мајка ми ми ја купи првата книга на македонски за мојот седми роденден, стихозбирката „Овчарче“ од Лазо Каровски, што ја прочитав за десетина минути, знаев само дека тоа нема да биде она за што ќе пишувам. Не само затоа што тоа беше надвор од доменот на моето градско детство – не ми беа по вкус ни многу популарните песнички за „пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки“, што почна да ги пишува (и дури објавува во детските подлистоци) постариот ми другар Ганчо, спроти улицата. Ако воопшто и помислував нешто да пишувам во тоа најрано време, тоа веројатно требаше да биде на нивото од мојата лектира на разни авантуристички романи од Жил Верн, Мајн Рид или Карл Мај, прочитани на српски или на бугарски, што можев да ги позајмам од блиската детска библиотека. А за моето алчно „голтање“ книги виновна беше најмногу сестра ми што ме описмени уште на пет години, Незаситното читање на необични и егзотични авантури можеби беше, и тогаш, своевидно бегство од стварноста, што изобилуваше речиси еднакво соцреалистични (воени и повоени) настани, иако ми се чинеа сосема обични, небаре нормални…

Спомени, спомени...

Како го паметите времето на Втората светска војна во Скопје, ослободувањето, првите години потоа?

- Не штрекнува завивачката сирена за тревога и не успеваме да дотрчаме до скривницата на аголот од улицата. И само што престанала, се слуша веќе и длабокото брчење на авионите-бомбардери, сосема близу, над главата, потем остриот фиук на бомбите и веднаш потоа – молк, зујат само шумно ушите, зјапат само очите, на мајка ми што ми ја држи вратата отворена. Мирис на обична прав, низ која гледаме како малтерот паднал од таванот на кујната, но не и во ова ќоше во кое сме се засолниле, а пред нас низ двојната врата од салонот се втурнал цел куп алишта и чаршафи од спалната со прозорец кон улицата. Бомбата паднала во двокатната куќа отспротива. Таа е на попот Личеновски, за среќа семејството му беше веќе евакуирано и немаше жртви, или така барем мислевме... (Подоцна дознавам дека тоа нас не бомбардирале „сојузниците“, англиските бомбардери што не стасале да си го истурат товарот врз нафтените полиња кај Плоешти, Романија – ја гаѓале на враќање кон базите во Египет германската отстапница од Грција по моравско-вардарската долина, но германскиот штаб во училиштето на крајот од нашата улица и бугарскиот „участок“ во соседната останаа негибнати.)

Истиот или следниот ден, берам (или крадам) круши од дрвото во соседниот двор, и одеднаш сиот се заплеткувам во некои лигави ластици виснати од гранките што смрдат гадно. Кога слегувам, некое од децата ми вика: А,бе, ти целиот смрдиш на гомна! Се отплетувам бргу, од тоа да ти биле нечии човечки црева – и сите дури сега стануваме свесни за замачканата крвава дамка на бетонското цокле од соседната куќа.

Вашето семејство всушност настрадува после војната?

- Делот од нашата улица при ослободувањето на Скопје го гледам клекнат од таванскиот балкон, од каде што допира штектањето на “картечниците“ од германскиот бункер и поединечните пукоти од пушки и експлозии од фрлени рачни бомби на партизаните – еден од нив паѓа покосен од рафал токму кога ја прескокна уличната ограда отспротива.

На третиот ден од ослободувањето, рано наутро, не буди пукот од стаклото на предната влезна врата и тупот на чизми од вратата на спалната. Се будам во детското креветче и си ги тријам очите од тешкиот војнички мирис – некој од униформите има вперено и пиштол кон татко ми, кој станува и се облекува: вели, уште ли ќе разговараме преку цевките од револверот? Следи општо претресување на мебелот и претрес на фиоки и шифоњери, дури и расцепени душеци и јоргани – барале скриени лири и „напаљони“ и не можеле да се начудат што не нашле никакво злато ни вреден накит. Го снема одеднаш татко ми заедно со неговиот брич, коланот на кој го остреше и неговиот мирис од бањата пред огледалото кајшто се бричеше.

Мајка ми барем еднаш неделно му носеше кошница со храна под покривката на „свиждане“ до Казнениот завод на скопското Кале. Тој пат преку плоштадот, Камениот мост и угоре по калдрмисаната улица покрај зградата на Цека го паметам многу добро. Следниот пат за кој се сеќавам дека сум го видел татко ми (кој би помислил тогаш дека тоа ќе ми биде и последен!) е како се симнува по задните свиочни скали од Офицерскиот дом, во кој се одржуваше судењето на „народните непријатели“, со волнена капа на глава како мафта со раката во олабавената јамка од јажето. Го видовме низ замаглениот прозорец однадвор долу, меѓу толпата други роднини и нарачаните викачи: Смрт за народните предатели!

Тешки и мачни спомени се тоа...

- Овие спомени од моето рано детство се само неколку од непознатите наслојки што се таложеа некаде длабоко во мене пред да се запалат сами од себе и да почнат да зрачат. Дали тој пресуден настан во нашите животи ми послужи и мене, макар и несвесно, како иницијална каписла за многу подоцнежното палење на моето внатрешно јадро? Или тоа беше некоја од следните летни ноќи, посебно оваа на која се сеќавам толку живо – одеднаш се најдов сам клекнат во бавчата во потполна штама, исфрлен од надраснатото креветче небаре како директно од колевка, спроти темното небо со крупни ѕвезди, ококорени или мижуркави, а наоколу летаа и трепкаа исто такви светулки што можев дури и да ги фатам и уште појарко да ми светат.

Откривањето на „жицата“

По неколку години изгон и перипетии, ете во Маџир маало, во осмолетката „Браќа Миладиновци“, потоа доаѓаат гимназиските денови, првите успешни творби и преводи, откривањето на Рембо...

- Дури откога ми се заредија песните од циклусот „Деноноќија“ (некои беа можеби поттикнати од сликите на југословенските експресионисти и наивци), како продолжение од една помалку успешна серија од песни што ги запишував како игра на часовите по историја од Средниот век, дури тогаш почувствував дека можеби сум ја пронашол мојата лична (се уште макар и подземна) поетска жица што вредеше да се истражува (и, евентуално, испишува). Се разбира, сево ова не ми беше ни мене бар олку јасно тогаш, но кога една ноќ ми бликнаа незадржливо стиховите и сликите од песната „Медовина“, што почнав да ги запишувам врз кориците од некој број на „Разгледи“ во потполн мрак, знаев точно дека тоа е токму она што го чувствував и барав за цело време и што небаре од искони, или од најраното детство, се потиснувало и таложело под притисок во јадрото и дека тоа веројатно ќе ги содржи и сите елементи од мојата поезија и „поетика“што допрвин ќе ја испишувам. Така почнаа да се испишуваат, како по „диктат“ но подиректно од соништата, и моите прозни „Легенди“. Така, или на сличен начин, преку бележење на моето „ноќно писмо“, следеа и другите лирско-епски циклуси: „Пролет во апокалипса“, „Пат до Легена Града“, „Одисеј во пеколот“, „Песна за киклопите“, „Наречници, вам за речта!“. А кога и со свесен напор, денски, успеав да го запишам внатрешниот монолог од „Ножот на убавината“ (што го гледав видливо како некоја обредна пантомима), знаев дека ваквото „откровение“ на загубените врски со епското во мојот (и наш, македонски) сензибилитет треба да се објави и како „манифест“. Уште повеќе, тоа требаше и да се напише во форма на манифест – но како? Ги побарав во НУБ двата манифести на надреализмот што ги беше срочил Андре Бретон, зашто од сите модерни “изми“ надреализмот беше сепак најблизу до она што го чувствував, и веднаш сфатив– да, манифестот требаше агресивно и да звучи, како вистинско фрлање ракавица на предизвик за двобој со лирско-интим(истич)ниот вкус во поезијата што тогаш преовладуваше не само во Македонија туку и во цела Југославија (со исклучок на веќе спомнатите и неколкумина други поети, пројавени или штотуку појавени). И бидејќи во еден пролетен број на „Разгледи“ претходната 1959 година потпишавме заеднички еден сличен текст (всушност, наизменично негов и мој), му понудив и на Радован Павловски, кој во тоа време веќе ги пишуваше и ни ги читаше своите големи поеми, да го потпише манифестот како еднакво свој, што чинам заеднички го крстивме како „Епското на гласање“.

Како од денешна дистанца се сеќавате на тој манифест?

-Не предвидовме, дека постарите колеги од редакцијата на „Разгледи“ можат и да одбијат да го објават. Но, со тоа само ни направија услуга, зашто Влада Урошевиќ веднаш се согласи да го преведе на српско-хрватски, и со по една песна како показ за нашата „епска“ поетика, им го испрати на уредниците Дејан и Богданка Познановиќ во литературниот весник „Поља“, што излегуваше во Нови Сад и во кој соработуваа сите млади и „модерни“ автори од цела Југославија. Манифестот заедно со нашите песни беше објавен (на двете средни „ударни“ страници) есента 1960 година и ни ги отвори страниците и на другите литературни гласила во Белград, Загреб и Љубљана. Следната есен, на пример, јас и Раде бевме поканети на трибината „Књижевни петак“ и претставени од поетот Златко Томичиќ, кој веќе беше превел и објавил повеќе песни од нашата тнр „трета генерација“ македонски поети, а пред тоа, паметам, мојот монолог „Ножот на убавината“ се појави и на уводната страница од новото љубљанско списание „Перспективе“.

Во Загреб останавме цела недела како гости во големиот стан на Златко во Прерадовиќева улица, а таму се беше засолнил и Бранко Миљковиќ со кого се бев запознал пред некоја година а не пропуштав пригода да се видам со него оттогаш и на секое пропатување во Белград . Ненадминатиот козер Бранко сега беше повлечен зад своите темни очила (првично и за да си ги покрие модриците) со аристократски презир кон колегите кои го беа протерале од Белград (дари, или токму, како лауреат на престижната „Октобарска награда“ и буквално претепан). Зрачеше со нешто тажно, скриено и неискажливо , но за малкумина – и трагично. А тоа трагично се случи толку бргу, веќе на моето следно доаѓање во Загреб во февруари наредната 1962 година Бранко утрото го нашле обесен на Мирогој! Го делев првичното општо мислење дека Бранко Миљковиќ, тогашниот врвен југословенски поет, беше некако натеран да изврши самоубиство не само поради интимната драма (несреќна и невозвратена љубов), туку и на редица други нерешливи околности од еден пречувствителен сензибилитет со својата непосредна примитивна, злобна и завидлива околина (дури и на „еснафско“ ниво), а мошне незаобиколно и со конкретната политичко- идеолошка ситуација во која живеевме сите ние, иако падот на соц-реализмот и подемот на модернизмот дојде и со премолченото заминување на дел од политичката „авангарда'.

Наградите го заобиколија

Во 1966 година сепак ја добивте наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП...

- Додека служев војска се случија два важни настана во „цивилниот“ живот, на општествен план и во мојот сопствен. Истото лето во 1966 падна Александар Ранковиќ, шефот на моќната тајна полиција УДБ-а, а потем ја добив веста дека за моите „Мироносници“ сум ја добил наградата на СВП „Браќа Миладиновци“ како најдобра книга на годината. Претседател на жирито беше Димитар Митрев и само тој гласал против, па резултатот бил убедлив 4:1 за мојата книга. Поради тоа тој и одби да ми ја додели јавно наградата на „Мостовите“.

Тој настан беше проследен со низа скандали, за кои веројатно уште долго ќе се прикажува. Како и да е, факт е дека многумина во тоа време се обложија дека нема да се вратите од вашите патувања. Дефинитивно се најдовте на „црната листа“ и веќе не добивавте награди ни во социјалистичка, па ни во независна Македонија. Но, ете, стасуваме одвај до половината на Вашиот творечки опус, а а интервјуто мора да запре...

- Не може да се напише се баш ни за самиот себе, а не пак за другите. Што фајде се виде од претераната разголеност? Дури и да нејќеше да пишуваш според вкусот на мнозинството, на колкумина од малкутемина им згорчи со твоите безобразности? А време е и да се вратам на својот „опстанок“, не само како на продолжение од мојата последна книга песни, туку и темелно животен кој продолжува во Скопје. Мошне реален, конкретен, секојдневен. Да почнам пак некој превод, нарачан или се уште не, но кој барем сигурно ќе биде објавен и исплатен! Кога-тогаш, колку-толку, но белки доволно за да се прикрпи живеачкава од егзистенција само на мизерна пензија. Можеби пак на некое друго дело од Шекспир, до сега непреведено на македонски. Тоа е автор чие преведување секогаш ме исполнува со соодветно задоволство за вложениот труд. Сеедно што син ми пак ќе ми префрла: ти си, тато, вистински „воркохолик“, и што жена ми ќе се лути што ќе се исклучам од ова време за да се преселам во некое друго. Дрога? Не, само најпригодниот начин за преживување што го знам...

Оздола ми довикува Лиле дека ручекот е готов. И мене веќе ми проработува стомакот, грчи и лачи сокови по очекуваната храна. Ѕвони и влезното ѕвонче – го носат Лукас од градинката. Веројатно и тој е гладен. А има, богами,и вистински угриз – кога и мене ќе ме гризне дури преку панталони, знак е дека ме прима како дедо и ближен свој во неговиот непосреден реален свет...

Со Чинго на „црната листа“

Како изгледаше „слободата на творештвото“ во социјалистичките тие времиња кај нас, во Македонија?

- Кај нас во шеесеттите години имаше релативна „кулурна автономија“, но во позатворена средина, кај што врските беа повидливо разголени. Ние, „модернистите“, собрани главно околу „Разгледи“, под водство првин на Коле Чашуле а потем на Димитар Солев, сметавме дека сме си го избориле својот простор за израз во однос на спротивниот конзервативен табор на 'реалисти' околу „Современост“ и „Хоризонт“. Но, пресуден фактор уште долго време остана да биде „критериумот и догмата“ на врховниот арбитар, кој на својата „црна листа“ повремено не впишуваше (и припишуваше) мене или Живко Чинго. Сепак, пробивот што македонската литература го правеше на југословенски план, посебно поезијата (и на нашата „трета генерација“ промовирана од антологијата на Влада Урошевиќ) беше незадржлив и голема поддршка за сите нас, па и за мене.
http://www.spic.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=3&tabid=1&EditionID=45&ArticleID=1429

Read more...

ПОЛОВИНА ВЕК БОРБА НА ВИКТОР АЌИМОВИЌ ЗА ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА

ПОЛОВИНА ВЕК БОРБА НА ВИКТОР АЌИМОВИЌ ЗА ВИСТИНАТА ЗА МАКЕДОНИЈА


Страхил Гигов и Боро Чушкар му забраниле да биде новинар


Во Државниот архив и во Кинотеката на Македонија, покрај многуте други, постои и еден редок фото и документациски трезор, преполнет со материјали драгоцени за развојот на македонската историја, нејзината


Во Државниот архив и во Кинотеката на Македонија, покрај многуте други, постои и еден редок фото и документациски трезор, преполнет со материјали драгоцени за развојот на македонската историја, нејзината политичка и национална мисла, како и за растежот на македонското новинарство, фотографија и филм. "Виктор Аќимовиќ" - напишано е на тој трезор, на архивскиот фонд со оставината на истоимениот македонски деец, публицист - новинар, фотограф и филмски работник. Станува збор за интересна, контроверзна и многу значајна личност, чиј живот и дело до 90-тите години на 20 век беа третирани како табу тема. Историчарот и архивист од Тетово Бранислав Светозаревиќ нив ги истражуваше во својот магистерски труд, чија одбрана е планирана за наредната недела на скопскиот универзитет "Свети Кирил и Методиј".
"Во времето што доаѓа ќе претстои политичка рехабилитација и афирмација на личноста и делото на Виктор Аќимовиќ, човекот кој уште од своите младешки години со својот публицистички и севкупен ангажман застанува на фронталната линија на одбраната на македонските национални интереси", заклучува во својот труд Светозаревиќ.
Виктор Аќимовиќ е роден во Тетово во 1915 година, како едно од петте деца на Лазар и Параскева. Неговата мајка е родум од Прилеп, но прадедото на Виктор, Стојко Аќимовиќ, е првиот учител на српската пропаганда во Тетово во 1861 година. Животот и делото на Виктор до неговата смрт во 1987 година се суштинска спротивност на неговото просрпско семејство, кое имало заслуги за ширењето на српската пропаганда во Тетово и Тетовско. Наместо и самиот да се вклучи во неа, Виктор се приклонил кон социјалистичкото и комунистичкото движење и особено кон идеите на ВМРО (Обединета) и МАНАПО. Спротивставувајќи се на силното влијание на великосрпскиот режим, тетовците учествувале во штрајкови, одбележувања на празници сврзани со македонскиот идентитет, во национални појави во културата, спортот и новинарството, каде што еден од најекспонираните бил токму Виктор. Документацијата од 1934 до ??1934 година покажува дека Виктор Аќимовиќ бил непрестајно во судир со актуелниот режим на Кралството на СХС. За својата антирежимска, прокомунистичка и најмногу за националната македонска дејност тој бил казнуван и осудуван неколкупати од просветните и судските власти и лежел во затвор по логорите. Тетовската полиција постојано го следела, бидејќи се наоѓал на списокот на сомнителни лица, како агент на советскиот ??НКВД.
Во 1939 година Виктор заминува во Марибор, во Словенија, од каде што била неговата сопруга Милена Година. Оттаму во својот нов весник "Јужна стварност" Виктор жестоко реагирал на јавното предавање под наслов "Јужна Србија, или Македонија", што го одржал српскиот академик и универзитетски професор Никола Вулиќ во Српскиот културен клуб. Тој правел обид за целосно негирање на постоењето на Македонија и на македонскиот народ, како и за нивно преименување во Јужна Србија и јужносрбијанци. "Никој не може на Македонија да и го оспори името. Македонија постои, затоа што постои македонски народ", му пишува Виктор на српскиот академик - шовинист Вулиќ во своето отворено писмо, поместено во весникот. Весникот со оваа статија бил пренесен во Македонија, каде што во Тетово и други градови го читале младите напредно ориентирани луѓе. За време на фашистичката окупација, Аќимовиќ бил осуден во отсуство на две години затвор од италијанските окупациски власти.
Во новинарските обиди за бугарското списание "Литературен глас" од Софија во 1942 година, давајќи свое гледиште за Македонија како неисцрпен мотив, бара "поголем ангажман" од познатите имиња на современата македонска уметност, како што се сликарите Никола Мартиновски, Тома Владимирски, Димитар Кондовски, Кераца Висулчева и скулпторот Димитар Тодоровски. Тој не го употребува името на државата Бугарија, под чија окупација се наоѓала Македонија, ниту терминот Бугари. Секаде исклучиво ги користи термините Македонија, Македонци, македонски човек. Со тоа вешто го избегнува можното поистоветување на Македонија и Македонците со Бугарија и Бугарите и на посреден начин ја истакнува македонската посебност.
Во 1944 година Виктор се приклучува кон единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и станува фоторепортер на Главниот штаб. Но, веднаш по ослободувањето бил отстранет и дистанциран од страна на властите на младата македонска држава, поради блискоста на неговите ставови со ставовите на "сепаратистите", на "антипартиската група" и со "чентовистите". Во 1945 година во белградскиот весник "Политика" Аќимовиќ објавува многубројни информации од НР Македонија, но и од пиринскиот и егејскиот дел на Македонија. Се издвојуваат неговите наслови за судењето на остатоците на големобугарскиот фашизам и за злосторствата врз Македонците во Грција. Во овој период Аќимовиќ е дописник и на Радио Белград. Но, од 1946 година двата медиума полека му ја откажуваат соработката. Неговото слободно изразување траело мошне кратко, бидејќи Белград и македонското раководство предводено од Лазар Колишевски, ги отстранувале сите приврзаници на идејата за посамостојна политика на Македонија. При обидот за бегство во Унгарија во 1948 година Виктор е уапсен и одлежува затворска казна во Идризово до 1952 година.
Според Светозаревиќ, одредени политички моќници, меѓу кои и Страхил Гигов и Боро Чушкар, му го ограничиле на Виктор правото да работи како новинар во Македонија. Се до својата смрт, тој останал во изолација, тивко бојкотиран. Но, во 70-тите и 80-тите години од минатиот век и натаму смело учествувал во јавни полемики, решително впуштајќи се во демистификација на одредени настани и личности од НОВ и Револуцијата. Се обидувал на јавноста да и предочи дека одредени моќни политички кругови и историчари си ја пишувале историјата според своите потреби.
Полицијата, која во разните политички режими, беше негов постојан "чувар", во 1987 година го "удостои" со уште една, овојпат последна посета, додека тој веќе заминуваше во историјата на Македонија. Припадници на поранешниот Секретаријат за внатрешни работи влегоа во малечкиот стан во Скопје на веќе починатиот новинар и публицист и наидоа на простории преполни со документи, филмски и фотоленти, фотографии, книги, списанија и други документарни и библиотечни материјали, значајни за современата историја на Македонија.
Свето Тоевски

***

Рацин го добил куршумот в чело

За историчарите е интересно прашањето, кое Виктор Аќимовиќ му го поставил на Страхил Гигов за Кочо Рацин: "Зошто Гигов не го споменува Рацин и неговото престојување во логорот во Ивањица, во кој бил испратен? Дали, можеби, затоа што големиот комунист и револуционер беше во немилост, брутално бојкотиран, затоа што беше забранувано со него да се зборува и дали токму ти го имаше главниот збор. Го прогласи ли ти тогаш Рацин за шпион, како човек на тогашниот бан на Вардарската бановина. Но, Рацин остана Рацин, пролетер, револуционер и Човек до последниот момент, до моментот кога го доби куршумот в чело. Но, моите разговори со Рацин во логорот Меѓуречје - Ивањица се запишани и не се потонати во Вардар, туку се депонирани на неколку места. Не е уште дојдено времето да се објават", наведува Аќимовиќ во своето писмо што му го упатил на Страхил Гигов.

***

Богата ризница од филмски записи

Во 60-тите и 70-тите години Виктор Аќимовиќ се посветува на филмското творештво и фотографијата, а во областа на аматерскиот филм ги достигнува врвовите на европските филмски остварувања. Во овој период тој е автор на педесетина некомерцијални филмови. Во Кинотеката на Македонија се чуваат околу 100 награди, плакети, признанија и дипломи на Аќимовиќ. На Меѓународниот фестивал на аматерски филмови во Кан ја добил Сребрената плакета за својот филм "Бел гулаб". На Меѓународниот фестивал во Луксембург биле прикажани три негови филмови, а за "Циганска молитва" бил награден со бронзена плакета. Во 1967 година Аќимовиќ е еден од основачите на скопскиот киноклуб "Камера 300". Со огромниот број слајдови, фотографии и развиени негативи ги доловувал секојдневниот живот, уметничките достигнувања, природните убавини и националното културно богатство на сите делови на Македонија, вклучувајќи ги и пиринскиот и егејскиот дел.

http://www.vest.com.mk/default.asp?id=134249&idg=7&idb=2051&rubrika=Revija

Read more...

Уметнички проект „Враќање 4“ на Лилјана Ѓузелова

Уметнички проект „Враќање 4“ на Лилјана Ѓузелова

На 17 октомври 2004 година Лилјана Ѓузелова на Зајчев Рид го исцрта замисленото место на погубувањето на нејзиниот татко Димитар Ѓузелов во 1945 година.

Видео инсталацијата „Враќање 4“ ги сумира претходните проекти на Ѓузелова. Изложена во галеријата „Прес ту Егзит“, се состои од подотворен сандак и проекција на видео арт дело кое содржи автентични архивски документи, ракописи и фотографии обединети во приказната за потресната судбина на семејството на Ѓузелова по погубувањето на нејзиниот татко.

„Јас ја избегнував политиката, иако таа не може апсолутно да се избегне, зашто таа е во позадината, заради тоа што трагиката произлегува од политичкиот ангажман на мојот татко и реперкусиите од тој негов ангажман што јас не го проблематизирам дали е виновен или не, зашто тоа не е мој проблем“, изјави Лилјана Ѓузелова.

„Јас само раскажувам за реперкусиите врз нас децата од неговиот политички ангажман, што мислам дека е и политика, но повеќе самиот живот. Инаку, ова дело го работам 10 години заедно со д-р Сузана Милевска, која е куратор на проектот и по мое мислење и коавтор заради нејзиниот начин како влезе во овој деликатен проект“, додаде Ѓузелова.

Димитар Ѓузелов бил еден од првите македонски филозофи, директор на Радио Скопје во 40-тите години, осуден од комунистичката власт и погубен под неразјаснети околности во 1945-та. Историјата не зборува многу за него.

„Тоа табу да се зборува за сфаќањата дека вината е наследна, за едно време кога демократијата била привилегија или мислена именка е она што е центарот на овој проект и затоа ми се чини и дека иако јас лично навистина влегов во едно преиспитување на сопствените политички ставови, сепак ја следев авторката во нејзиниот обид со ликовен јазик да презентира една сторија“, рече Сузана Милевска.

Изработката на видео филмот го финансирала Швајцарската програма за култура во Македонија. Изложбата е отворена до 14 април.

http://209.85.129.132/search?q=cache:NHPc6zafgjYJ:www.a1.com.mk/vesti/default.asp%3FVestID%3D60709+%D0%9B%D0%B8%D0%BB%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B0+%D0%83%D1%83%D0%B7%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D0%B2%D0%B0&hl=bg&ct=clnk&cd=1&gl=bg

Read more...

Видеоинсталација на Лилјана Ѓузелова

ПРЕС ТУ ЕГЗИТ
Видеоинсталација на Лилјана Ѓузелова


Самостојна изложба на Лилјана Ѓузелова со наслов „Вечното враќање 4“ ќе биде отворена вечерва, во 20 часот, како дел од програмата „Предавања, презентации и изложби“ во галеријата „Прес ту егзит“.

Проекцијата на видеоартот „Вечното враќање 4“, која е дел од изложбата, ќе почне во 20 часот, а за вечерта на отворањето е предвидена само една проекција.

Продукцијата на видеоартот е помогната од Швајцарската програма за култура во Македонија.

Изложбата „Вечното враќање 4“ претставува видеоинсталација составена од еден уметнички објект и видеопроекција. Видеоартот, кој ќе биде проектиран во заднината на еден расклопен метален сандак, е видеозапис на перформансот што Ѓузелова го изведе на 17 октомври во 2004 година на Зајчев Рид, но исто така претставува и повеќеслоен колаж на многу документи, фотографии и сеќавања со кои авторката ги сумира и претходните три проекти од серијата „Вечното враќање“.

Првиот проект од оваа серија, резултат на истражувањата што авторката ги почна уште во 1995 година, беше изведен во приватна куќа во Маџир Маало во 1997 година, вториот во Музејот на градот Скопје во 2001 година, а третиот во Отвореното графичко студио во 2003 година. Куратор на четирите проекти од серијата „Вечното враќање“ е Сузана Милевска.

Различните верзии и сведоштва за последните денови на Димитар Ѓузелов, таткото на Ѓузелова и еден од првите македонски философи, ја поттикнаа авторката да го исцрта подотворениот круг на претпоставеното место на закопувањето на погубеното тело на татко и. Со тоа, Ѓузелова на еден индиректен начин и со современ ликовен јазик ја деконструира историската нарација за овој комплексен и се уште неразјаснет случај.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=1&EditionID=694&ArticleID=44051

Read more...

Time mk - топ вести

Агенция Фокус

Македония - Google News

Македониjа - Google News

Благоевград инфо

Последни вести-Форум

Македониjа - топ вести

SETimes news

Вести од Македонија - Канал 5

Утрински весник

Дневник

Топ вести - А1

BBCMacedonian.com

Вести од Македонија - А1

Гласот на Америка

МИА - новини

Дойче Веле

Макфакс

Press Online

Time mk - Македония

Time mk - Култура

Кайгана

Идивиди

Macedonia Forum

Новини за Македония

Macedonia - Google News

Makedonija - Google News

Fyrom - Google News

Yahoo! News for Macedonia

Yahoo! News for Makedonija

Yahoo! News for Fyrom

Macedonia News

Macedonian News

Time mk - Балкани

alt.news.macedonia

Новини по Руский

Блогерај - историја

VMacedonia forums

Дискусионна група "Македония"

  © Blogger template Writer's Blog by Ourblogtemplates.com 2006-2011. Eдин проект на: История на Македония І История на Македония

Back to TOP